Партерно се уредува ООУ „Кирил и Методиј“ во Канатларци

Започна партерното уредување на ООУ „Кирил и Методиј“ во Канатларци. Инфраструктурниот проект е вреден два милиони денари, пари обезбедени од Буџетот на Општина Прилеп, во рамките на Програмата за подобрување на условите во образовниот процес во општината.

Станува збор за уредување на дворна површина од 800м2 , каде што ќе биде сместен парк со детски реквизити, ќе има стаза за трчање, парковска површина уредена со урбана опрема и цветни леи, летниковци за одмор во природата, песочни површини и светилки за парковско осветлување.

„Со ова значително ќе се подобрат условите за одвивање на наставниот процес и за учениците и за наставниците, во едно од најбројните основни училишта во населените места во Прилеп. ООУ „Кирил и Методиј“ во Канатларци е само пример за подеднаквата грижа на локалната самоуправа за квалитетно образование за сите деца во нашата општина, а во наредниот период ќе реализираме и нови проекти, кои што ќе придонесат да го подобрат животот на жителите од ова населено место„ истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески кој го посети с. Канатларци и направи увид на активностите во ООУ „Кирил и Методиј“.

Моментално во ООУ „Кирил и Методиј“ во с. Канатларци, учат 286 деца.Наставата од прво до деветто одделение се изведува на македонски и турски наставен јазик.