По повод 11 Октомври 1200 ученици го направија македонското знаме во центарот на Прилеп

Со низа настани, денеска Прилеп продолжува со чествувањето на најголeмиот национален празник, Ден на народното востание на македонскиот народ, 11 Октомври, секогаш горд како град, што токму одтука започнала револуционерната борба на македонскиот народ против фашизмот .
Со цел да се подигне националната свест, почит и љубовта кон татковината, со интонирање на македонската химна, во жолти и црвени маички, 1200 ученици од основните и средните прилепски училишта, во чест на празникот на плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ преку изработена кореографија, го формираа македонското државно знаме, пренесувајќи симболична порака за почит кон татковината и борците кои го дале својот живот за слободата.
„Овој чин само не прави горди и говори за љубовта кон татковината и почитта кон нејзините историски вредности кои се втемелени во сите делови од нашиот град и држава, за слобода и демократија на македонскиот народ, како и за создавањето и градењето на почит кон татковината од најмлада возраст, како клучен сегмент за развивање на чуството кај младите луѓе да си ја сакаат, почитуваат, штитат и чуваат татковина, и да ги почитуваат сите нејзини национални белези и симболи“ – истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, при оваа пригода.
Во пресрет на празникот, денеска, во СОУ Ристе Ристески – Ричко е открен и мурал на Ристе Ристески-Ричко, насловен „Слобода во нашите срца“ а ДЛУ – Прилеп, попладнево, во фоајето на НУЦК „Марко Цепенков“ ќе ја одржи традиционалната годишна изложба. Во градската библиотека „Борка Талески “ќе се одржи прослава на уметноста и поезијата насловена како „Октомвриска ноќ“ каде ќе бидат изложени дела на познатиот акдемски сликар, Сергеј Андреевски.
Централното чествување по повод 11 Октомври е на Камената бина на плоштадот „Александрија“ од 19:00 часот. Таму ќе настапуваат: КУД „Пере Тошев„ –Прилеп ќе има пригодни рецитали на ученици по повод празникот и музички-сценски настапи, и пригодно обрајќање на градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Во 20:00 часот е традицоналниот огномет и импровизираниот напад на Участакот.
На денот на големиот национален празник, 11 ти Октомври, утре, во претпладневните часови, делегации ќе положат цвеќе пред споменикот на Методија Андонов-Ченто, пред споменикот на Кузман Јосифоски-Питу и Алејата на народните херои на Могилата на непобедените. Свежо цвеќе на Могилата на непобедените, ќе положат: владина делегација, делагација од Собранието на Република Македонија, претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, делегација од Локалната самоуправа и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, од Советот на Општина Прилеп и претседателот на советот, Дејан Проданоски, делегации од други политчки партии, граѓански здруженија и граѓани. На Могилата на непобедените, според агендата за чествување на празникот ќе се обрати градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.
Воедно, на овој ден ќе се одржи и традиционалната крводарителска акција во просториите на Црвениот крст, а исто така и автомобилското шоу во организација на Тимот на Tuning CAR SHOW Prilep, на булеварот „Гоце Делчев“.