Прилеп гордо и достоинствено го одбележа 11 Октомври!

Со импровизиран напад на Участакот, импозантен огномет, богата културна програма и бројни настани, Прилеп одбележа 82 години од почетокот на Народното востание и антифашистичката борба на македонскиот народ против бугарскиот окупатор.

Во чест на 11 Октомври, бројни делегации: Владини, од кабинетот на претседателот на државата од Собранието на Р. Македонија, Армијата на РМ, претставници од Локалната самоуправа, Советот на Општина Прилеп, од боречката организација, од политички партии, делегации од граѓани и граѓански здруженија, ја посетија Могилата на непобедените, каде што се моштите на 650 борци што ги дал Прилеп во НОБ и Револуцијата и положија цвеќе во гробницата во чест на борците кои ги дале своите животи за слободна и независна Македонија.

Градоначалникот на Прилеп при оваа пригода нагласи дека секоја генерација има свои битки и посочи дека само сплотени и со заедничка верба ќе може да успееме да ги надминеме денешните предизвици и да докажеме дека сакаме просперитетна и демократска Република Македонија.

„Стојеќи, тука, на ова место, пред спомен обележјата во нивна чест, каде се бистите и на Народните прилепски херои, се потсетуваме на победоносното востание кое тие го извојувале за создавање македонска самостојна и независна држава, и на аманетот кој ни го оставиле, да ја чуваме, сакаме и да ја браниме од секакво зло со верата и силата на нашиот дух. За жал борбата сеуште трае! Посебно сега, во овие исклучително бурни времиња за македонската држава, кога некои држави го оспоруваат нашето вековно постоење. Затоа, токму од ова место, мора да ветиме, дека ќе се сплотиме и ќе останиме цврсти и одлучни во заштита на нашиот јазик, историја, постоење како државотворен народ.“ истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески.

По повод Денот на наордното востание на македонскиот народ, 11 Октомври, свежо цвеќе и венци беа положени и на спомен обележјето на Првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, на бистата на народниот херој Кузман Јосифоски – Питу, идеологот на македонската револуционерна борба и на споменикот „Жена Борец “ на Паркот на револуцијата.

Во Прилеп беше организирана крводарителска акција, а во центарот на градот се одржа 15-тото по ред Tuning car show на кое беа претставени огромен број на модифицирани автомобили и олдтајмери од цела Македонија и соседните земји, како и традиционалниот турнир во одбојка во организација на одбојкарскиот клуб ,,11 Октомври” Прилеп, кој се одржа во спортската сала на СОУ ,,Ѓорче Петров”.