Во Прилеп се одржа првиот меѓународен атлетски полумаратон

Низ улиците на Прилеп, денеска се одржа првата полумаратонска трка, која
имаше меѓународен карактер. Покрај полумаратонската трка во должина од 21
километар, близу 200 натпреварувачи од Македонија и земјите од поранешна
Југославија ја трчаа и рекреативната трка на 5 километри.

Првиот меѓународен полумаратон го отвори градоначалникот Илија Јованоски,
кој истакна дека со денешната трка, Прилеп влезе на атлетската мапа на
поширокиот регион.

„Денеска Прилеп е домаќин на полумаратон . Ќе се трча на 21 километар и рекреативната трка на 5 километри, спорстки настан кој во нашиот град се
случува за прв пат. Имаме околу 200 натпреварувачи, гости од соседните држави и сите заедно ќе покажеме дека го поддржуваме спортот и младите, кои се во најголем број учесници на денешната трка. Јас како градоначалник и Општина Прилеп и понатаму ќе дадеме несебичен допринос во поддршка на спортот“, истакна градоначалникот Јованоски.

Божидар Чаушоски, претседател на Атлетско рекреативниот клуб „Лотус“ кој
беше организатор на двете денешни трки, го искажа задоволството од
успешната организација на настанот, и покрај тоа што времето не им беше
наклонето на учесниците. Тие, пак, и покрај уморот беа задоволни и радосни
што токму во Прилеп се случува ваков настан.

Полумаратонот го поддржаа и лицата со хендикеп од Ресен, кои трчаа под
мотото „Сите сме исти“.

„Денеска сме овде. Сами си донираме за да можеме да учествуваме, а
учествувам на повеќе маратони“, вели Васил Јанкула од „Еко Дром“, Охрид.

„Голема чест и задоволство е да се учествува на овој прв прилепски
полумаратон. За нас како прилепчани претставува голема чест да учествуваме
на овој настан. Ја поздравуваме иницијативата и се надеваме дека ќе прерасне
во традиција“, изјави прилепчанката Талија Петреска.

„Трчам повеќе од 5 години и ќе трчам на трката на 5 километри“, вели младиот
учесник Илија Петрески.

Меѓу учесниците беше и младата Јована Јованоска, која зад себе го има
искуството од учеството на Скопскиот маратон и која изрази надеж дека
доколку полумаратонот биде организиран и следната година, со задоволство
повторно ќе земе учество.

Организаторот, АРК „Лотус“, најавува дека овој спортски настан ќе стане
традиционален и дека во иднина ќе добива и на масовност, и на квалитет.