Градоначалникот Јованоски го посети домот за стари лица „Киро Крстески- Платник“

По повод светската „Недела за грижа на старите лица“, градоначалникот Илија
Јованоски, денеска ги посети штитениците и граѓаните коишто за свој дом во
третото доба од животот го избраа домот во Прилеп „Киро Крстески-Платник“.
Посакувајќи им добро здравје и што попријатни мигови во оваа јавна установа тој
ја акцентираше својата, заложбата на Општина Прилеп и на новото раководство
за што подобри услови за живот на старите и изнемоштени лица што престојуваат
во домот.

„Со поддршка на Општина Прилеп, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа
и Министерството за труд и социјална политика, го поттикнуваме и поддржуваме
домот и овие наши граѓани. По повод светската ‘Недела за грижа за старите и
изнемоштени лица’, Општина Прилеп со една скромна донација од 12 столици и
една клупа што подаруваме на оваа јавна установа, им ја честитаме оваа недела,
посакувајќи им добро здравје и долг живот“,порача градоначалникот Јованоски.

В.Д. директорот на домот Мики Крстев апелираше до сите стопански субјекти и
хумани граѓани, доколку имаат можност, да донираат во домот,со цел оваа
установа да биде што попријатно место за живот на старите и немоќни граѓани од
Прилеп, и другите градови од Македонија.

„Активно работиме на подобрување на условите за живот на нашите штитеници со
особен акцент на подобрување на хигиената во просториите на домот,
здравствената заштита, подобрувањето на исхраната и останатите услуги што ги
нудиме на нашите корисници. Благодарам за донацијата и постојаната помош на
градоначалникот Илија Јованоски и Општина Прилеп. Се заблагодарувам и на о.о.
на Црвен крст, на гимназијата ‘Мирче Ацев’ и ОУ ‘Рампо Левката’,за нивниот
придонес да се заокружи оваа недела. Упатувам и апел до сите стопански
субјекти и општествено одговорни компании кои што се во можност да не
предвидат во стратегиите за донации со што ке ги подобриме условите во домот
за нашите корисници“, рече в.д. директорот Крстев.

Тој потенцираше дека домот финансиски е ликвиден и дека непречено се
реализираат финансиските трансакции, а дека во тек се проекти за подобрување
на условите во оваа јавна установа.

Социјалниот работник во домот, Дијана Свртиноска ја истакнува помошта за
корисниците на услугите со цел што полесно и побрзо да се адаптираат на новите
услови.

 

„Во нашата установа има стручен тим, јас како социјален работник и колешка
психолог, заедно планираме годишен план на културно-забавни активности, со
цел да се подобри културно-забавниот живот на корисниците во домот. За да не
биде само дојдени,сместени тука и оставени, значи секој ден има различни
активности, културно-забавни, рекреативни и ако некој е во можност неделно по
желба на корисниците има играње шах, домино, различни игри за меморија,
помнење, за вежбање на моториката, се прават физички вежби за раздвижување
на старите немоќни лица, на оние кои што се помалку или целосно неподвижни“,
вели Свртиноска.

Таа истакнува дека паралелно се контактира и со семејствата со цел да им се
подобри престојот на овие граѓани.

А, корисниците на услугите се задоволни од условите во домот. Дел од нив се
адаптирале побрзо, други поспоро.

„На почетокот тешко ми беше и шеќерот малку ми се крена, знаете во друг дом си
едноставно. Но, ми помогнаа сестрите, докторот, ми мереа притисок, примив
системи и сега ми е подобро. Моите заминаа и сама останав, затоа морав да
дојдам овде. Децата ми заминаа Америка, ме донесоа овде и тие заминаа. Нема
што да не сум задоволна“, вели Вера Кочоска.

„Пред два дена бев во Скопје, да си земам подебел капут, оти еве падна снег.Јас
сум од Скопје. Се качив во автобус и дојдов овде. Се прилагодив. Дојдов пред две
години, на нова година. Сега ке наполнам 78 години и тоа е, се прилагодив. Овде
ми е мене мирно, јас сум фала богу здрава, овде ми помагаат, ми даваат
лекарства, пензијата си ја префрлив овде во банка, храната е супер, имам свои
пари. Не знам за другите, но за мене можам да кажам. На почетокот ми беше
многу тешко. Ми изумреа сите, и бев многу сама, но сега се навикнав. Маж ми
почина и многу сум сама оттогаш. Ми недостигаат многу работи, одењето на
опера, театар, еве слушам и нов балет ќе поставуваат, одев секаде, имав
пријателки. Им препорачувам на старите да дојдат овде, да бидат згрижени овде.
Во Прилеп ми е и најдобар воздухот. Овде немам ни со кого да се нервирам, така
што ми е убаво “, вели Стефанка Голубова, пензионерка од Скопје.

Инаку во домот од вкупно 130 граѓани, 30 се штитеници на Меѓуопштинскиот
центар за социјална работа, а другите се стари лица, коишто по свој избор живеат
во домот во Прилеп.