Во Прилеп се одржа Државното првенство во стрелаштво за ученици од основните и средните училишта

Во организација на Сојузот на училишен спорт на општина Прилеп и Федерацијата
на училишен спорт на Република Македонија, а под покровителство на Агенцијата
за спорт и млади и Општина Прилеп, во стреланата во ЦК „Марко Цепенков“ се
одржа Државното првенство во стрелаштво за учениците од основните и средните
училишта во нашата држава.

Во своето обраќање пред учесниците на Државното првенство, градоначалникот
Илија Јованоски потенцираше дека Прилеп е град со голема спортска традиција,
меѓу кои е и стрелаштвото, спорт во кој Прилеп даде учесник на Олимписките игри
во Атланта.

„Имавме претставник на Олимпијадата во Атланта во 1996 година, каде овој спорт
и Република Македонија беа достојно претставени. Стрелаштвото како
поединечен спорт побарува голема концентрација и максимално фокусирање, тоа
придонесува за целокупниот развој на учениците и младите луѓе. Тоа треба да
претставува потстрек, се’ поголем број млади да се занимаваат со овој спорт“,
напомена градоначалникот Јованоски.

Претседателот на Федерацијата на училишниот спорт, Александар Туфекчиевски,
рече дека учесниците на ова Државно првенство се основата за стрелаштвото во
нашата држава и дека очекува од нив за скоро време да бидат презентери на
Македонија на меѓународната сцена.

„На сите вас ви посакувам добри резултати, да го покажете она што сте го
работеле на тренинзите и секако, ова да биде поттик што повеќе ученици да се
вклучат во стрелачкиот спорт. Огромен поздрав до градот Прилеп, до домаќините,
кои традиционално организирале голем број манифестации во училишниот спорт.
Традицијата продолжува, најдобрите на денешното првенство повторно ќе бидат
присутни на кампот кој го организира Федерацијата на училишен спорт, во
соработка со Владата, Министерството за образование и Агенцијата за млади и
спорт“, истакна Туфекчиевски.

„Постигнете ги вашите најдобри резултати, чувствувајте се во Прилеп како дома.
Посакувам по неколку години некои од вас повторно да ги видиме овде, во
повисоките рангови на натпреварување, а зошто не и на некоја Олимпијада. Ви
посакувам успешен натпревар и да победи најдобриот“, им порача на учесниците
на натпреварот првиот човек на Сојузот на училишен спорт на општина Прилеп,
Здравко Ристески.

Како што напоменаа организаторите, ова е прво Државно првенство во
стрелаштво за ученици од основните и средните училишта во Република
Македонија, кое во Прилеп се одржува по пауза од 13 години.