СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ и Делегацијата на германското стопанство во нашата држава, потпишаа меморандум за соработка

СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ од Прилеп денеска потпиша меморандум за соработка со Делегацијата на германското стопанство во нашата држава, претставувана од нејзиниот директор, Патрик Мартенс. Со чинот на потпишување на Меморандумот и формално се официјализира досегашната, но и понатамошната соработка на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ со Делегацијата на германското стопанство.

Станува збор за соработка по однос на проектот за дуално образование, кој е во организација на Делегацијата на германското стопанство, а во корелација и поддршка од Центарот за стручно образование и обука, Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука. Проектот ги вклучува и партнер компаниите „Гентерм“, ВИК“ и „Витаминка“, каде учениците ќе ја изведуваат практичната обука.

„Горди сме што денеска можеме да ја предадеме таблата на вашето училиште и да го потпишеме договорот за партнерство, односно меморандумот за соработка. Ова исто така е голем настан и за компаниите ‘ВИК’, ‘Гентерм’ и ‘Витаминка’, да бидеме денеска во Прилеп и да го промовираме дуалното образование. Во ова училиште започнува со имплементација нашиот проект, односно двата профила кои ги промовираме. Тоа што е заедничко и ново за целиот овој проект, е зголемување на практичната настава и тоа што учениците ќе ја имаат можноста да се запознаат со производствените процеси во текот на нивното учење. Среќни сме што заедно со ‘ВИК’, ‘Гентерм’ и ‘Витаминка’ направивме основа за развој на самото образование на учениците, вклучувајќи ја тука теоретската и практичната настава“, изјави Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство.

„СОУ ‘Ристе Ристески-Ричко’ уште минатата година ја отпочна соработката со Делегацијата на германското стопанство во Македонија. Оваа година тоа резултираше со запишување на ученици во две паралелки, кои ќе го стекнат своето знаење по таканаречениот ‘германски систем’ на дуално образование, што подразбира покрај теоретската настава во училиштето, практичната обука да ја изведуваат во компании од реалниот сектор. Станува збор за две струки: една за техничари за индустриска мехатроника, како образовен профил од електро-техничката струка и една од машинската струка, како образовен профил од техничар за производно машинство. Станува збор за поголем процент на практична обука во компаниите, каде учениците ке бидат прифатени од страна на ментори кои се сертифицирани за обука на ученици. Со тоа учениците во текот на обуката добиваат превоз до компанијата, храна, хонорар и сертификат. Значењето на овој проект за нас како училиште, го потврдува и фактот што СОУ ‘Ристе Ристески-Ричко’ е едно од петте училишта во нашава држава во кои се спроведува овој проект за дуално образование“, истакна Билјана Трајкоска, директорка на СОУ „Ристе Ристески-Ричко“.

Целта на проектот е да се продуцираат дефицитарни кадри на пазарот на трудот, кои што по завршување на образовниот процес веднаш ќе бидат работно ангажирани од развиените македонски и компании со странски капитал во државата. Со оваа мерка во голема мера ќе се надминат досегашните слабости на образовниот процес, коишто продуцираа суфицитарни кадри, за коишто нема потреба на пазарот на трудот.

Овој пилот проект се спроведува во пет градови: Прилеп, Кавадарци, Велес, Битола и Охрид.