Со премиера на претставата „Лажговци“, прилепскиот театар ја одбележа 70 годишнината од постоењето

Прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ синоќа премиерно ја изведе претставата „Лажговци“ од Антони Нелсон а во режија на Коле Ангеловски, со што започна одбележувањето на 70 годишнината од неговото постоење.
Претставата ја води најстарата генерација актери во театарот, со цел симболично да се одбележи седумдецениското постоење на оваа институција.
Во преполната сала на театарот „Војдан Чернодрински“, присутни беа и градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски и заменик министерот за култура Владимир Лазовски.

„Горди сме што тука предизведби доживеале текстови од македонски драмски автори – Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески – Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески и многу други. Театарот функционира во рамките на НУЦК ‘Марко Цепенков’, а има интенција да биде посебен правен субјект, што е и желба на актерите. Другата желба е ансамблот да игра на нова сцена. Верувам тоа и ќе се случи. Дотогаш им посакувам успех на нашите актери на ‘штиците што живот значат’, истакна во своето обраќање директорот на НУЦК „Марко Цепенков“, Рубин Белчески.
Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски во своето обраќање по повод јубилејот истакна дека од првото кревање на завесата па се’ до денес, од првата претстава „Кир Јања“ до премиерата на „Лажговци“, на сцената на тетарот „Војдан Чернодрински“ настапувале голем број актери и уметници, кои дале свој придонес во развојот на театарот и на театарската уметност.
„Она што посебно треба да се потенцира, е фактот дека во своето седумдецениско опстојување, прилепскиот театар посебен акцент му давал на домашното творештво. На истата оваа сцена на која сега стоиме, биле поставувани праизведби на текстови од македонски драмски автори. Денеска, 18-те актери од театарот „Војдан Чернодрински“ сочинуваат тим кој во моментов претставува врв во македонското глумиште. Податокот дека претставите на прилепскиот театар во изминатите 70 години ги виделе повеќе од 1,5 милиони луѓе, зборува и за нешто друго: за прилепската публика која го сака и го познава театарот“, истакна во своето обраќање градоначалникот Јованоски.
Заменик министерот за култура, Владимир Лазовски, во своето обраќање нагласи дека прилепскиот ансамбл е еден од најрепрезентативните во земјава и во регионот и дека кога се зборува за македонски театар, во голем дел се зборува за заслугите на прилепскиот театар.
„На одлележувањето на 70 годишнината од тетарот ‘Војдан Чернодрински’, должен сум да укажам дека конечно е започната постапката за обезбедување на документацијата што ќе овозможи реконструкција со надградба и доградба на објектот на НУЦК ‘Марко Цепенков’, а се однесува на потребите на театарот. Овој талентиран и пожртвуван ансамбл, во скора иднина ќе ги има вистинските услови кои ќе бидат на нивото на нивниот врвен уметнички професионализам“, истакна Лазовски.
Претставата „Лажговци“ е типична англиска комедија. Сценографијата и костимите се на Илина Ангеловска, драматург е Ивана Нелковска, а музиката е на Томе Темелковски. Во претставата играат: Марјан Чакмакоски, Андон Јованоски – Ашата, Виолета Чакарова, Цветанка Чавлеска, Трајче Иваноски, Најдо Тодески и Јасмина М. Станковска.
Во наредните денови театарот „Војдан Чернодрински“ ќе ја реализира манифестацијата „Недела на театарот“. Вечерва пред љубителите на театарската уметност ќе биде изведен проектот „Move the beat with astors & the hounds“, а во наредните денови, се’ до недела, ќе бидат прикажани уште пет претстави од тековниот репертоар.