Проектот за реконструкција на Старата чаршија презентиран пред прилепските дуќанџии

Градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, заедно со претставници на ЈП за ПУП и ЈКП „Водовод и канализација“, вчера одржа неформална средба со сопствениците и закупците на дуќани во Старата чаршија.

Целта на средбата беше презентирање на идејното решение за реконструкција на Старата прилепска чаршија и собирање мислења, предлози и идеи од дуќанџиите, во функција на изнаоѓање на најдоброто решение во интерес на сите засегнати страни.

Со проектот ќе бидат опфатени улиците „Републиканска“, на потегот од аптеката „Зегин“ до раскрсницата со „Борка Талески“ и дел од „Херој Карпош“.

Градоначалникот Јованоски информираше дека со реконструкцијата на Старата чаршија, постојните травертински плочи ќе бидат заменети со гранитни плочи, сите жици и кабли од кабловските оператори ќе бидат сместени во подземни инсталации, фекалната канализација ќе биде комплетно реконструирана, а ќе се изгради и нова атмосферска канализација. Согласно идејниот проект, после завршувањето на реконструкцијата, нема да се дозволи повторно монтирање на постојните застаклени делови од кафетериите.

Исто така, ЈКП „Водовод и канализација“ ќе изврши бесплатна замена на постојната водоводна мрежа стара преку 70 години, за зголемување на безбедноста на објектите ќе се постави видео надзор, а значително ќе се подобри и осветлувањето. Градоначалникот Јованоски истакна дека во зависност од временските услови, комплетната реконструкција ќе заврши за 75 до 90 дена, а за целото време на изведување на работите, дуќанџиите и купувачите ќе имаат пристап до дуќаните.

После презентацијата, следуваше отворена дебата во која сопствениците и закупците на дуќани во Старата чаршија, се вклучија со свои предлози. На нивно барање, договорено е реконструкцијата да започне на крајот на август, односно почетокот на септември оваа година. Тие побараа од градоначалникот да биде направен добар оперативен план, да инсистира градежните работи да се одвиваат ефикасно и да се запази планираниот рок на изведба, со цел да не им се нанесе штета во нивното функционирање.

На средбата беа дадени повеќе идеи како да се реши прашањето со паркирање на возилата и одржување на хигиената во чаршијата и како да се подобри пристапноста до дуќаните.

Истовремено, градоначалникот Јованоски го прифати предлогот, во договор и со дозвола од Завод и Музеј, да се реновираат и унифицираат фасадите на дуќаните.

На крајот на презентацијата на проектот за реконструкција на Старата чаршија, кој наиде на широка поддршка од дуќанџиите, беше договорено пред почетокот на градежните работи, да се оствари најмалку уште една ваква средба во истиот состав.