СЕ ОДРЖА ПРВАТА ФОРУМСКА СЕСИЈА ОД ПРОГРАМАТА „ФОРУМИ ВО ЗАЕДНИЦАТА“ ВО ПРИЛЕП

Над 80 граѓани, преставници на НВО, претставници од приватниот сектор, образовни институции, советници, претставници од општинската администрација, градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и претседателот на Советот на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, учествуваа на првата форумска сесија од Проектниот форум во заедницата, која се одржа во Прилеп на 10.03.2023 година. Спроведувањето на Проектниот форум во заедницата е една од компонентите во рамки на програмата „Зајакнување на општинските совети“, која ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери. Програмата е поддржана од Општина Прилеп како една од десетте општини учеснички во оваа фаза.

Градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески ја поздрави работата на форумот, посочувајќи дека ова е одлична алатка за вклучување на граѓаните во процесот на детектирање и на донесување одлуки на општинско ниво.

„Вклучување на граѓаните во процесот на одлучување само придонесува кон зголемување на транспарентноста и кон поголема соработка и граѓанско учество во општините. Со тоа се јакнат капацитетите на сите вклучени страни кои се залагаат за подобрување на животот на луѓето во заедницата. Нашата задача како носители на одлуки е да создаваме партнерства на локално ниво. Сигурен сум дека граѓаните на Прилеп најдобро знаат што е приоритет на нашата заедница и во оваа прилика, ќе донесат конструктивни и правилни идејни проекти, кои Општина Прилеп, ќе се обврзе да ги реализира за поквалитетен живот на сите во заедницата“, истакна тој пред присутните.

На оваа прва форумска сесија учесниците имаа можност да се запознаат со форумскиот процес, да дискутираат за приоритетните проблеми на општината поврзани со избрани области и да предложат приоритетни решенија.

„Воведуваме една алатка за демократизација на општеството. Воведуваме нов концепт во изборот на она што е најзначајно за граѓаните. Седницата која што следи наредната недела ќе биде на барање за измена на Статутот на општина Прилеп, со што во ваков состав и формат ќе биде воведено и во статутот за тоа како да се трошат во иднина јавните пари. Сега, ова е пилот програма, но средствата кои што се одобрени од УНДП ќе ги искористиме за она што ќе одлучат граѓаните на овие форумски сесии“, рече претседателот на Совет, Дејан Проданоски

Приоритетите на првата формуска сесија во заедницата беа насочени кон образованата сфера, животната средина, младите и спортот, а учесниците на форумската сесија акцентот го ставија на областа млади и спорт, нудејќи интересни предлози, концепти и идеи. Од овие концепти за предлог идеи учесниците на форумот на наредните три сесии ќе ја изберат најприоритетната и таа ќе се аплицира до проектниот фонд.

Крајниот рок за завршување на оваа активност е декември 2023 година, до кога ќе треба да има и конкретна реализација на приоритетниот проект избран од граѓаните.

Програмата „Зајакнување на општинските совети“ ја финансираат Швајцарската влада и Министерството за локална самоуправа, а ја кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.