„Прилепско поле“: Нема опасност од енормно зголемување на водостоите на реките и каналите

Надлежните од „АД Водостопанство на РМ“ будно ја следат состојбата со постојаните врнежи од снег и засега нема опасност од енормно зголемување на водостоите на реките и каналите со кои стопанисува. Со покачувањето на температурите се очекува зголемување на нивото на вода во каналите, но не се очекува излевање од коритото и поплавување на земјиштето. Согласно со најавените хидролошки промени во содејство со другите надлежни органи, ако има потреба ќе бидат превземени соодветни заштитни мерки.

АД „Водостопанство на РМ“ подружница „Прилепско поле“- Прилеп секоја година изготувува програма за работа, со која е опфатено тековното и интервенто одржување на системот за одводнување, со утврдување на приоритетните места, кои претставуваат потенцијална опасност за предизвикување поплави. Согласно со програмата за 2018 година, колку што дозволуваа временските услови, како што истакнуваат од „Прилепско поле“ се работело на терен до 21 декември, кога и финиширала реализацијата на предвидените активности.

АД „Водостопанство на РМ“, подружница „Прилепско Поле“ стопанисува со системот за одводнување на прилепскиот дел од Пелагонија, со површина од 27.500 хектари, со вкупна должина на системот за одводнување од 168,79 км. Овој систем припаѓа на сливот од Црна Река. Системот за одводнување опфаќа дел од обработливото земјиште во општините: Прилеп, Дoлнени, Кривогаштани и Крушево. Главен реципиент на водите што се собираат од каналите за одводнување е канал „Блато“, што е комплетно исчистен претходните години.