МТСП: За 33,9 отсто е намален бројот на деца сместени во големите институции за една година

„На секое дете му треба семејство“ е мотото на кампањата што една година ја спроведува Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ. Во тие рамки вечерва со почеток во 18:00 ч. на платото околу Градски саат во Прилеп ќе се одржи настан, со цел стимулирање на активностите во прилепскиот регион. Градоначалникот Илија Јованоски, при тоа ќе ја истакне својата лична и поддршката на Општина Прилеп, за целосен успех на кампањата, со цел до 2020 година,сите деца што останале без родителска грижа и љубов, да бидат сместени во згрижувачки семејства.

А, за една година, бројот на деца сместени во социјалните установи во државата е намален за 33,9 отсто. Ова го покажуваат податоците од процесот на деинституционализација за периодот август лани- август годинава. Во овој период , Министерството за труд и социјална политика, обезбеди вонинституционално згрижување за вкупно 95 деца. Во пракса тоа значи подобри услови за раст и развој, индивидуална грижа и поддршка, тие да станат активни и рамноправни граѓани вклучени во општеството.
Во истиот период, во вкупно шест социјални установи беа згрижени вкупно 45 деца. Дел од нив се деца без родители и родителска грижа, дел се со воспитно-социјални проблеми, или со попреченост. Додека во истиот период, 11 деца, сместени во овие институции станаа полнолетни.
Иако е амбициозно, сепак е остварливо. Министерството за труд и социјална политика посветено работи ниту едно дете под 18 години до 2020 година повеќе да не престојува во социјалните установи во Македонија.
Деинституционализацијата е промена на начинот на кој државата се грижи за децата и возрасните лица, кои имаат потреба од долгорочна социјална грижа. Наместо досегашните безлични и гломазни установи за колективна грижа, со овој процес се воспоставува систем на социјални услуги во заедницата кои нудат услуги и поддршка по мерка на поединецот. Целта на процесот е да го зајакнат корисникот и да го поттикнуваат неговото активно учество во средината кадешто живее.
Бидејќи семејното опкружување го поттикнува правилниот раст и развој, дел од децата се згрижуваат во семејства, други се посвојуваат, илисе дава поддршка на биолошкото семејство да обезбеди подобра грижа за своето дете. За дел од децата, пак се создава средина налик на семејната, како што се малите групни домови.