Илија Јованоски: Дискриминаторскиот однос кон Ромите по било која основа, е за секоја осуда

„Со конституирањето на нашата земја како самостојна и суверена држава, се
воспостави и зацврсти владеењето на правото, со цел да се гарантираат
човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот. Во Уставот
на РСМ, недвосмислено е кажано дека граѓаните се еднакви во слободите и
правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното
потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Оттаму, како градоначалник на општина Прилеп, но и како граѓанин, најостро го
осудувам дискриминаторскиот однос на менаџментот и вработените во спортско-
рекреативниот центар ‘Маркови кули’, кон наши сограѓани од ромската етничка
заедница, на кои, според нивното кажување, не им бил дозволен влез на
отворениот базен“, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на
општина Прилеп, Илија Јованоски.

Јованоски потенцираше дека и Владата, и Општина Прилеп, максимално се
посветени на концептот за градење едно општество за сите. Од тие причини, тој ги
охрабри сите оние на кои им било скратено правото да ги користат услугите на било
кој спортско-рекреативен објект, на било која друга институција или организација,
да поднесат претставки до институциите кои се задолжени за почитување на
правата на граѓаните и нивна заштита од дискриминација.

„Во таа насока, денеска одржав средба со претставниците на граѓанската
иницијатива ‘Аваја’ и здружението ‘Станица 5’, кои ги артикулираат и промовираат
интересите на Ромите пред сите засегнати страни. Истовремено, ја користам оваа
прилика да упатам апел до сите правни и физички лица од нашата општина, до сите
граѓани на општина Прилеп, за покажување солидарност, емпатија и почит кон
припадниците на сите етнички заедници. Само обединети и со меѓусебно
почитување, без разлика на нашата етничка, верска, расна, полова и друга
припадност, ќе изградиме едно општество за сите, кое ќе биде гаранција за подобар
живот на сегашните и идните генерации“, истакна градоначалникот Јованоски во
своето обраќање по повод вчерашниот немил настан, кога на педесетина граѓани
од ромската етничка заедница, не им бил дозволен влез на базенот во спортско-
рекреативниот центар „Маркови кули“ во Прилеп.

„Ромите не се граѓани од втор ред и не заслужуваат да бидат дискриминирани и тоа
го кажувам од аспект на вчерашниот настан. Градскиот базен почна со нудење на
јавни услуги, при што сакам да потенцирам дека станува збор за јавни услуги кои
има право да ги користи секој граѓанин. Во изминатите години, во повеќе наврати на

Ромите не им е дозволен пристап до јавни услуги, меѓу кои и влезот на базенот.
Заради тоа, ќе ги искористиме сите правни механизми и ќе поднесеме претставка
до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Дополнително ќе
поведеме судска постапка во интерес на заштита на правото на поголема група на
граѓани, бидејќи станува збор за вчера вратени околу 50 лица на кои не им беше
дозволено правото на користење јавна услуга“, нагласи Џенгис Бериша,
претставник на граѓанската иницијатива „Аваја“ и здружението „Станица 5“.

Во знак на протест против оневозможувањето на Ромите да ги користат јавните
услуги, од „Аваја“ и „Станица 5“ најавија одржување на мирен протестен марш, од
населбата „Тризла“ до спортско-рекреативниот центар „Маркови кули“.