Продолжува проектот „Бањско климатска рекреација на корисници на пензија“

Министерството за труд и социјална политика во соработка со Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија, продолжува со реализација на проектот „Бањско климатска рекреација на корисници на пензија“.

За таа цел, почнувајќи од 15-ти јануари па сѐ до 15-ти февруари 2018 година, сите заинтересирани пензионери може да поднесат барање за користење на услугитe на проектот во филијалите на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување на Македонија. Право на користење на услугите имаат корисници на старосна, семејна и инвалидска пензија, кои живеат во Република Македонија.

За разлика од претходните години, во 2018 година услугата ќе можат да ја користат корисници на пензија на кои износот на пензијата за ноември изнесува до 17.000 денари. При бодирање и рангирање на корисниците на пензија, во предвид ќе се земе единствено висината на пензијата, при што понискиот износ на пензија ќе има повеќе бодови. Доколку корисникот користи и дел од пензија којашто се исплатува од друга држава, при бодирањето ќе се земе во предвид и тој износ.

Корисниците на пензија коишто ја искористиле услугата на бањско климатска рекреација во 2010, 2011, 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 и 2017 година, или го користеле бесплатниот туристички викенд во период 2015, 2016 и 2017 година, немаат право да ја користат услугата во 2018 година.

Услугата на бањско климатска рекреација може да се користи еднаш во период од март до ноември 2018 година, во траење од 7 дена и опфаќа 6 полни пансиони (ноќевање со три оброци дневно), бањска терапија, задолжителен здравствен преглед, како и трошоци за превоз во висина на повратна автобуска карта по завршување на користење на услугата.

Лицата корисници на пензија коишто користат и паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност или слепило, имаат право на придружник за време на бањско климатската рекреација.

Услугата ќе биде остварена во правни лица регистрирани за вршење на услуга за бањско климатско лекување, со кои Министерството за труд и социјална политика ќе склучи договор во кој ќе бидат регулирани правата и обврските на договорните страни. Во изминатите години тоа беа Здравствена установа – природно лекувалиште „Негорски бањи“ АД Негорци Гевгелија, Друштво за физикална медицина и специјализирана медицинска рехабилитација „Катлановска бања“ ДОО Катланово, АД Дебарски бањи Цапа и ЈЗО Бања бањско „Цар Самуил“ Струмица.

Заинтересираните пензионери, образецот на барањето може да го најдат во сите филијали на Фондот на ПИОМ и на веб страницата на Фондот на ПИОМ. Доколку корисникот на пензија користи пензија и од друга држава со која Република Македонија применува договор за социјално осигурување, задолжително доставува потврда од банка за износот на странската пензија. Доколку, пак, корисникот на пензија користи паричен надоместок за помош и нега од друго лице, додаток за мобилност и слепило или додаток за глувост, нема потреба да доставува потврди за користење на овие права, бидејќи ќе се врши проверка преку електронска размена на податоци меѓу институциите.

За двата проекта, во буџетот на Министерството за труд и социјална политика за 2018 година се обезбедени финансиски средства во висина од 35 милиони денари, и 3.000.000 денари за превоз.