Почна хуманитарниот светиниколски турнир во мал фудбал

Екипите на „Полициска станица Прилеп“ и „Коњска сила“ попладнево го отворија традиционалниот турнир во мал фудбал „Свети Никола“,што го организираат Општина Прилеп, компанијата Комфи Ангел и „Локалниот спортски сојуз- Прилеп“.
Турнирот за отворен го прогласи градоначалникот Илија Јованоски.Тој при тоа порача дека Општина Прилеп ќе ги поддржува сите видови спортови.

„Денеска почнува традиционалниот турнир во мал фудбал „Свети Никола“. Организатори на овој турнир се Општина Прилеп, „Локалниот спортски сојуз Прилеп“ и компанијата „Комфи Ангел“, како поддржувач на овој спортски настан од почеток на манифестацијата. Денеска започнуваат натпреварите. Посакувам да се одвиваат во еден спортски дух и да победат подобрите. На младите им порачувам дека секогаш како локална самоуправа ќе ги поддржуваме сите видови спортови, подеднакво без разлика за кој спорт станува збор. Сакам уште еднаш да ги поздравам сите спортисти, сите гледачи што ќе присуствуваат на овие напревари наредните денови“, порача градоначалникот Јованоски.

На турнирот ќе настапат 43 екипи. Од нив 33 екипи се во сениорска категорија, 11 екипи ќе бидат пионери и 9 ветерани. Во најсилната категорија, сениори, има учесници од Скопје, Битола, Гостивар, Велес, Богданци и Охрид. Сениорите ќе се натпреваруваат за награден фонд од 160.000 денари, обезбедени како награда за првото место. Второпласираните добиваат награда од 90.000 денари, а за третото место се обезбедени 60.000 денари.

Од „Локалниот спортски сојуз Прилеп“ уште еднаш упатија апел до компаниите да бидат донатори на овој хуманитарен турнир, а собраните средства потоа ќе бидат наменети за отворање центар за деца заболени од церебрална парализа.

„Локалниот спортски сојуз Прилеп“ се потруди во овој краток период да ги овозможи сите технички услови во спортската сала ‘Сонце’: греењето, топла вода за учесниците и хигиената во објектот. Ги повикувам сите донатори што сакаат да учествуваат на турнирот, да донираат и во текот на наредните денови. Целта на турнирот е со собраните средства да се опреми еден центар за децата заболени од церебрална парализа. Уште еднаш повикувам да се донираат средства, бидејќи ќе бидат намети во вистински цели. Вечерва турнирот се отвора со 4 пара сениори и три пара ветерани“, изјави Рубинчо Илиоски, претставник на „Локален спортски сојуз Прилеп“.

Влезот за публиката до осминафинале е бесплатен, а потоа ќе се наплаќа симболична влезница од 50 денари.