Гимназијата „Мирче Ацев“ со претставата „La Linea“ ќе учествува на фестивалот во Болоња

Со претставата „La Linea“ работена по текст и во режија на професорот Маринко Шлакески, гимназијата „Мирче Ацев“ од Прилеп во мај ќе учествува на театарскиот фестивал во Болоња, Италија. Премиерата на претставата, што се одржа изминатиот викенд во театарот „Војдан Чернодрински“, беше наградена со овации од публиката.

„Сметав дека можеме да учествуваме на тој фестивал, дека ги исполнуваме критериумите. Конкуриравме и на мое големо задоволство ме известија дека сме примени. Во претставата учествуваат тројца актери, јас сум режисер, а ми помагаат и некои мои колеги, кореографијата ја работи професорот по спорт Орде Цветаноски. Техничкиот дел околу осветлување е поддршка на професорот Никола Богданоски, јас ја работам музиката и текстот за музиката“, посочи професорот Шлакески.

Според директорот Диме Настески гимназијата „Мирче Ацев“ целосно го поддржува проектот на професорот Шлакески.

„Радосни сме што учениците од нашата гимназија имаат можност да учествуваат на еден реномиран фестивал, каков што е фестивалот во Болоња. Ќе им ги обезбедиме сите услови за работа на проектот и учество на фестивалот“, изјави директорот Настески.

Поради големиот интерес на публиката од гимназијата се надеваат дека до мај претставата ќе биде изведена уште неколку пати.