ЗАЕВ: Државата не планира да го полни буџетот од казни, туку од зголемен обем на производство!

Регионалните комори на Прилеп и Битола, денеска во големата сала на Општина Прилеп одржаа работна средба на која присуствуваа градоначалниците на двата града:Илија Јованоски и Наташа Петровска, заедно со премиерот Зоран Заев, вице премиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Според премиерот Зоран Заев, пелагонискиот регион партиципира со12 % во Бруто домашниот производ и е од големо значење за Република Северна Македонија. Во такви околности, како што рече премиерот Заев, се значајни темите за сите патни правци во овој регион. Министерот Сугарески се осврна на сите детали за патот: Градско-Дреново-Прилеп, но и комплетното подготвување на документацијата за Прилеп-Битола, како значајни проекти за развој на овој регион.

„Разговаравме за идејното решение преку Бабуна – Велес- Прилеп, да се пробиеме до границата Меџитлија, но и за документацијата и подготовката на сите проекти што почнуваат од Битола, обиколницата околу Битола, па се до граничниот премин Меџитлија. Но, разговаравме и за документацијата и подготовката на сите проекти коишто почнуваат до Битола, обиколницата околу Битола, се до граничниот премин Меџитлија.Таксативно се споменати сите патни правци во целиот регион, од регионален и магистрален карактер, но најавена е и Програмата од 70 милиони евра, за локалните патишта, за проектот „Македонија без кал“, истакна премиерот Зоран Заев денеска во Прилеп.

Премиерот акцентираше дека Законот за прекршоци е донесен, иако не е објавен и потпишан од претседателот на државата, но оваа регулатива ги намалува драстично сите казни во државата.

„Ако досега максималните казни беа 5000 евра при инспекција,сега се од 50 до 2000 евра. Значи повеќе од 60 отсто се намалени. И тие се фер и праведни,тоа значи дека помала компанија плаќа помалку, средната средно, а поголемата повеќе. Плаќањето зависи од вкупниот број на вработени, од големината на компанијата, од интензитетот на правење на прекршоците на компанијата и најважно од се, пред првата казна постои опомената“, истакна премерот Заев, објаснувајќи дека компаниите првин ќе бидат опоменати за да го коригираат одреден прекршок за определен период, а дури потоа ако се повторуваат прекршоците ќе следат казни.

„Државата не планира да го полни буџетот од казни, туку од зголемен обем на производство и на производи и услуги, секаде по регионите. Верувам дека ваквите плодни соработки ќе ги има, времето што ја чека нашата земја е прилично надежно. Нашата земја е без проблеми на меѓународен план, вопријателство со сите свои соседи, со сериозни интеграциски перспективи. Очекуваме до 2020 година најдоцна членство во НАТО. Очекуваме во јуни почеток на преговори, отворање на поглавја, но и отворање на кохезионите, компензационите фондови, коишто се  многу значајни за развој на стопанството, перспективите се огромни во државата. Задача на сите е да ја зголемиме продуктивноста и конкурентноста на нашето домашно стопанство, ако сакаме да донесеме економски живот за сите граѓани и да ни останат младите тука, а и бизнисмените да бидат мотивирани да инвестираат овде, во нашата земја Република Северна Македонија“, порача премиерот Заев денеска од Прилеп.