Во Прилеп се одржа Саем за вработување и кариера

Во рамки на проектот „Одржливи модели за вработување на Ромите”, „Хабитат Македонија“, заедно со невладините организации ДРОМ од Куманово и „Креација“ од Скопје денеска во Прилеп го одржа „Саемот за вработување и кариера“. Со овој проект на 20 припадници од ромската националност од Прилеп им беа врачени сертификати за завршени обуки за 4 градежни дејности.

Целта на овој проект е одржливо интегрирање на пазарот на трудот на Ромите, но и другите социјално ранливи категории граѓани, што подолг период не се вработени.

„На овој Саем за вработување и кариера доделуваме сертификати за 4 градежни вештини, ѕидарство-фасадерство, гипсарство и ПВЦ монтажа на прозорци и врати. Со овој проект со вештини се стекнаа 80 лица во Прилеп и Куманово, а денеска 20 од нив, во Прилеп добиваат сертификат за положен стручен испит. На почетокот се отвори јавен повик, имавме јавни средби со лицата заинтересирани за проектот, им го кажавме моделот и заинтересираноста беше огромна. Првично проектот беше отворен за долгорочно невраборените Роми“, изјави Александра Савеска, проектен кординатор на „Хабитат Македонија“.

Градоначалниот на Прилеп, Илија Јованоски, истакна дека Општина Прилеп ќе застане зад сите овие проекти, коишто даваат поддршка за подобрување образованието и вработувањето на Ромите.

„Денеска имавме панел дискусија за статусот на Ромите во нашиот град и за нивното вработување, кое што треба да следи во иднина за да се отстапи од оној стереотип што постоеше досега, во врска со образованието и вработувањето на Ромите. Заедно со „Хабитат Македонија“ беше покренато ова прашање, како може на најлесен начин да се дојде до вработување на Ромите. Овие наши сограѓани не смее да бидат отстранети или чувани понастрана, како од образованиот процес, така и од пазарот на трудот во нашата држава. Ромите мора да го најдат местото во заедницата, затоа што нивниот начин на живот, за жал е малку поинаков од сите други граѓани во нашиот град. Општина Прилеп ќе застане зад сите овие проекти што даваат поддршка за образованието и вработувањето на Ромите“, изјави градоначалникот Јованоски.

Мухрем Мамедов е еден од граѓаните што добија сертификати. Тој се надева дека конечно ќе најде работа.

„Јас се одлучив да ја посетувам обуката за изработка на ПВЦ дограма и треба сега да го добијам сертификатот. Обуката одеше одлично и сè беше во ред. Се надевам дека со овој сертификат ќе добијам некаква работа, затоа што досега бев невработен. Мислам дека изработката на ПВЦ дограма моментално е барана работа на пазарот на труд“, изјави Мамедов.

Од кумановската невладина организација „ДРОМ“ потенцираа дека целта на овој проект е да се вклучат што повеќе Роми на пазарот на трудот и да станат активни баратели на работа.

„Другата цел пак беше Ромите што се вклучени во неформални активности да ги вклучиме и нив. И тие да имаат сертификат, да бидат конкурентни и активни баратели на пазарот на труд. Овде во моментов има 40 луѓе што ги завршија тие сертификати, лица коишто работат и се активни неформално. Со самиот сертификат, тие преку други програми кои што ги нуди АВМР ќе имаат можност да се вклучат, да конкурираат и да отворат свои бизниси“, истакна Ахмет Јашаревски, од „ДРОМ“.

Според невладината „Креација“ овој модел вклучува и тренинг како Ромите да бараат работа и како да преговараат со работодавачите. Започнавме со 200 луѓе, 100 од Прилеп и 100 од Куманово. Понатаму 80 од нив заедно, 40 со 40 отидоа на обука во 4 занимања, плус 20 жени им се приклучија во меките вештини. И на крај 40 од нив аплицираа и го добија сертификатите за одредена професија. Во овој модел се предвидува спојување со работодавачите, за одредени лица веќе има побарувачка и ќе бидат вработени. Но, во градежништвото квалификуваните работници се почесто избираат да не бидат вработени, туку да бидат платени по учинок. Оние пак кои имаат сертификати одат и во Европа каде работат по неколку месеци“, истакна Ристо Иванов, претседател на здружение на бизнис и консултанти „Креација“.

Целиот проект е финансиран од страна на Европската унија.