СОУ „Ристе Ристески-Ричко“: Соработката со државните институции и приватниот сектор, причина за големиот број инвестиции

Над 4 милиони денари се инвестирани во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, со цел подобрување на инфраструктурата и условите за изведување на воспитно образовниот процес.

Покрај средства од сопствени извори, од Општина Прилеп и Министерството за образование, голем број од проектите се со финансиска помош од приватниот сектор, како и од меѓународни програми од областа на образованието.

За период од три години, во училиштето се инвестирани 12.787.640 денари, од кои 1.500.000 денари од буџетот на Општина Прилеп, 7.110.512 се донации, 86.721 средства од училиштето, од Еразмус + програмата 1.234.000 денари и 2.856.407 денари се средства од блок дотации од Министерство за образование и наука.

Според зборовите на директорката Билјана Трајкоска, во училиштето се променети подовите во 6 училници, направена е комплетна реконструкција на санитарни јазли на трите ката во едното крило на училиштето, извршена е реконструкција и адаптација на котларата со изведување на оџакот и со обезбедување на сите потребни атести и безбедносни сертификати, санирани се покривот, пристапната рампа и скалите на влезовите во спортската сала, реконструирана и адаптирана е помошната просторија во графичарската работилница за практична настава, како и повеќе други градежни зафати.

„Покрај тоа, набавен е школски модел на четиридимензионална CNC машина за потребите на практичната настава од машинска струка, како и 7 дигитални табли со видео-проектори и посебни компјутери за работа на дигиталните табли со средства од  Erasmus+ програмата. Исто така, извршена е реконструкција и опремување на кабинетите за практична настава од електротехничката струка, како и други две училници, кабинетот по информатика и програмирање и кабинетот за електрични мерења, со донација на Филип Морис -ТКП во износ од 80.000 долари. Опремена е графичарската работилница за практична настава од графичката струка со опрема донирана од Проектот Е4Е@мк, Образование за вработување во Северна Македонија, преку Швајцарската агенција за развој и соработка, а од страна на Делегацијата на германското стопанство во нашата земја, набавени се 5 комплети на алатки за практична настава за потребите на дуалното образование“, потенцира Трајкоска.

Дел од плановите кои чекаат на реализација во СОУ „Ристе Ристески –Ричко“, е ревизија на проектот за реконструкција и адаптација на објектот од старата котлара, кој денес е нефункционален. Според плановите, објектот би се пренаменил во работилници за изведување на практична настава за машинската струка. Со оглед на тоа што неговата реализација би чинела околу 9 милиони денари, планирано е со овој проект да се аплицира во Министерство за образование и наука. Истовремено, ќе се работи на промена на подовите во уште 3 училници, оградување на училишниот двор и негово хортикултурно средување и промена на олуците на кровот на училишната зграда и спортската сала.

Кога е во прашање учењето од далечина, од СОУ „Ристе Ристески-Ричко“ истакнуваат дека тоа се одвива без проблеми. За непречено изведување на наставата од далечина, во училиштето се опремени 20 училници, а обезбеден е стабилен и брз интернет, додека практичната настава за учениците се изведува со физичко присуство во училиштето, со запазување на сите мерки за заштита од Ковид–19.