Подобрени условите за следење на наставата во „Кочо Рацин“, училиштето добива нова фасада и лифт

Од вкупно 780 ученици, колку што со воспитно образовен процес се опфатени во ООУ „Кочо Рацин“, 270 се ученици од прво до трето одделение кои настава посетуваат со физичко присуство, согласно препораките за заштита од Ковид 19. Останатите наставата ја следат онлајн, односно со учење од далечина, процес за кој може да се каже дека во ова училиште се одвива без проблеми.

Со средства од Министeрството за образование и наука, Општина Прилеп и сопствени средства во училиштето постојано се инвестира во подобрување на инфраструктурата, но и во набавка на современи модерни нагледни средства со единствена цел да се подобри квалитетот на образовниот процес.

„Со моето назначување за директор на училиштето, започнавме со реконструкција на училници и пренамена на просторија за продолжен престој. До тој момент, училиштето не располагаше со таков простор иако за тоа имаше реална потреба и подолго време беше барано од страна на родителите. Со средства од локалната самоуправа во висина од 314.000 денари ја реализиравме иницијативата, после што следуваше реконструкција на санитарните јазли и промена на чешмите со цел намалување на потрошувачката на вода, за што инвестиравме дополнителни 900.000 денари“, вели директорката на ООУ „Кочо Рацин“, Зора Чадамова.

Чадамова додава дека во сите училници во централното училиште се поставени вариолајт завеси, поставени се шкафови во училниците и во ходниците со цел материјалите кои учениците ги користат на училиште, тука и да ги чуваат. Минатата година направена е целосна реконструкција и санација на третиот кат од училиштето, со што е целосно приспособен за настава со физичко присуство.

„Изминатава 2020 извршивме молерисување на останатиот дел од училиштето, бидејќи поради состојбата со пандемијата бевме спречени да правиме некои покрупни зафати. Заради дезинфекција и дезинсекција, ни и од причина што подолг временски период училиштето не беше варосано, ја реализиравме оваа активност со  која беше опфатено и подрачното училиште. После 30 години, ставивме нов асфалт во училишниот двор, ги обележавме игралиштата, бидејќи дворот го користиме и како простор за изведување на наставата по физичко образование. Мора да напоменам дека покрај вложувањата во одржување на училишната зграда, вложуваме и во нагледни помагала. Покрај шесте интерактивни табли, набавивме и телевизори, проектори, нагледни средства за кабинетите по биологија, физика и хемија, како и клупи и столчиња за секој ученик“, истакна директорката Чадамова.

За оваа година планирана е реконструкција на фасадата на училишната зграда, проект кој е специфичен за изведба од причина што објектот е под заштита на Министерството за култура, заради што е потребна соработка и координација на повеќе институции. Годинава градежни работи ќе има и во подрачното училиште, а заради неможност да се постави пристапна рампа, во централното училиште е планирано поставување на лифт.