Социјалните услуги на локално ниво и грижатa за старите лица, приоритет на Општина Прилеп!

По повод „Неделата на грижа на стари лица’’ и активностите за подигање на свеста за правата на старите лица, градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески ги посети корисниците на услугите од ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески – Платник“ и разговараше за условите и грижата на старите лица во оваа институција. Исто така оствари средба и со обучените негователи од проектот „Помош и нега во дом“ што го спроведува „Центарот за развој и едукација“ Прилеп, во соработка со Општина Прилеп.
Во проектот се вклучени 44 обучени негователи кои секојдневно посетуваат стари лица во нивните домови, се грижат и им помагаат во нивните секојдневни основни активности за извршување на личните потреби, помош при земање на медицинската терапија, купување продукти и лекови и слично.
 „Потребата од обезбедување на грижа и помош на старите лица е важен сегмент во заедницата и ваквите активности се можност за подобрување на социјалните услуги и социјалната заштита на лицата од третата доба. Како Општина оваа активност не мотивира да се обидеме, со дополнителни средства од општинскиот Буџет и од донатори и во иднина да ја збогатиме Програмата за социјална заштита на локално ниво и да имаме подобра грижа за старите лица кои живеат во своите домови и не се институционално згрижени„ – истакна градоначалникот при оваа прилика.
Преку проектот „Помош и нега во домот“ им се обезбедува квалитетна, професионална и достапна помош и поддршка од страна на обучените негователи на близу 150 семејства, преку помош и нега во нивниот дом, со цел старите лица да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата.
„ Интересот за оваа услуга е голем, и кај корисниците, и кај невработените лица, кои сакаат да се стекнат со вештината за негување на стари и изнемоштени лица. На ред е Министерството за труд и социјална политика, кое треба да помогне, оваа услуга да продолжи во заедниците по завршување на проектот и да се зголеми бројот на обучени негователи„ истакнаа координаторите на социјалната услуга „Помош и нега во домот„ од Центар за развој и едукација – Прилеп.
Проектот во кој се вклучени трите општини: Прилеп Долнени и Кривогаштани е во соработка со Министерството за труд и социјална политика на и ќе трае една година.