Проект „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“

Општина Прилеп е една од десетте општини кои учествуваат во имплементација на проектните активности на проектот „Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ во периодот 2022-2023. Главната цел на проектот е  поддршка на развојот на локалните самоуправи, првенствено преку зајакнување на општинските совети кои ќе бидат во можност ефективно да ги исполнат нивните доделени улоги на претставување, надзор и донесување општински одлуки со активно вклучување на граѓаните.

Како дел од активностите на овој проект, на 28 и 29 октомври во Прилеп беше одржана обука за членовите на општинските совети од општините Прилеп, Неготино и Дебарца на тема „Подготовка на општинските  буџети, усвојување и извршување“. Програмата за развој на капацитетите како дел од првата компонента на овој проект се состои од 11 модули кои разработуваат различни области на работа на локалната самоуправа и е наменета за зајакнување на капацитетите на советниците и претставниците на локалната самоуправа.

„Зајакнување на општинските совети – Фаза 2“ е проект финансиран од Швајцарската Влада и Министерството за локална самоуправа, кој го кофинансира и спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со национални и локални партнери.