Прилеп по 20-ти пат им оддаде почит на хероите од Карпалак

И после 20 години од трагичниот 8 август 2001 година, болката и тагата на
прилепчани не згаснуваат. Свежи се сеќавањата на тој кобен ден, кога животот го
загубија десет резервисти од Прилеп. Во нивна чест денеска се одржа панихида
во црквата „Св. Петка“ на која присуствуваа и градоначалникот на Општина
Прилеп, Илија Јованоски, Советот на Општина Прилеп, семејствата на загинатите
прилепски бранители како и нивни соборци. Делегацијата рано наутро ги посети и
вечните почивалишта на загинатите бранители, а делегации од здруженијата на
бранителите ја посетија и месноста Карпалак, каде на 8 август 2001 година се
случи трагичниот настан.

Централната манифестација се одвиваше пред спомен обележјето „Карпалак“ во
центарот на Прилеп, каде свежо цвеќе положија делегациите: Стево Пендаровски
Претседател на Република Северна Македонија, Министерката за Одбрана
Радмила Шекеринска, Општина Прилеп предводена од градоначалникот Илија
Јованоски, Генералштабот на Армијата, пратениците во Собранието на Република
Северна Македонија, Совет на Општина Прилеп, делегации од здруженија на борци од Прилеп и Македонија, семејствата на загинатите бранители и политички партии.

Градоначалникот Јаваноски во своето обраќање истакна дека и после две
децении, болката заради насилно прекинатите животни патеки е иста како и во тој
злокобен ден. Знаеме дека некои нешта едноставно не можеме да ги вратиме, но
најмалку што може да направиме е да го негуваме и да го почитуваме нивното
херојско дело.

„Во војните и воените конфликти, нема победници. Бидејќи, ниту еден изгубен човечки живот, ниту една детска солза пролеана за изгубениот родител, не се помалку вредни од био кој воен “трофеј“. Затоа, поклонувајќи се пред саможртвата на нашите сограѓани, задачата на сите нас, како одговорни граѓани, е да не дозволиме никогаш повеќе да се повтори злото од 2001 година. Факт е
дека како народ, одново и одново сме исправени пред нови искушенија и нови
битки. Ниедна од нив не смее да не’ поколеба во намерата да ги оствариме двете стратешки цели кои ги зацртавме пред 30 години, кога избравме да живееме во
независна и суверена држава. Веќе втора година ги имаме придобивките на
едната од нив – членството во НАТО алијансата. Со тоа направен е огромен чекор
напред во обезбедувањето сигурни и безбедни граници, но истовремено и
внатрешна стабилност на државата. Во моментите кога сме на чекор од втората
цел, полноправно членство во големото европско семејство на народите, мораме
да ги оставиме зад себе сите внатрешни политички битки. Да покажеме единство
по клучните прашања за Државата, бидејќи тоа е единствениот начин да
зачекориме во современите европски текови и да ги совладаме сите пречки кои ни
стојат на тој пат“, посочи градоначалникот Јованоски.

Според министерката Радмила Шекеринска хероите никогаш не умираат, но за да
тие не умрат наш е долгот да продолжиме за нив да говориме, да продолжиме на
нив да се сеќаваме.

„Денеска кога се сеќаваме на жртвата од пред 20 години мислам дека е редно да одадеме признание и на жртвата и ризиците со кои што се соочуваат наши стотици војници коишто се сега на територија на цела држава кои ги прекинаа
сите други активности за да се приклучат на заедничката цел да ги заштитат луѓето и државата да ги заштитат и материјалните добра. Со храброст во срцата и безпоштедно за својата земја. Оваа борба со огнот кој што ја зафати државата, со кризата која веќе и официјално е потврдена е на некој начин и нивен долг кон своите колеги кои пред 20 години ги положија и своите животи за истата цел“, истакна министерката Радмила Шекеринска.

На 8 август, 2001-та година, на патот Скопје – Тетово, кај месноста Карпалак беа
убиени десеттемина прилепски армиски резервисти: Сашо Китановски, Нане
Наумовски, Марко Деспотовски, Љубе Груески, Бранко Секулоски, Дарко
Велјаноски, Горан Миноски, Пеце Секулоски, Веби Рушидоски и Ердован
Шабаноски.