Поради неисправен лифт во станбена зграда, Свеќанцоски речиси половина година е “заробен“ на 5-ти кат

Прилепчанецот Горјан Свеќанцоски има 48 години, а речиси 30 години е телесен инвалид, по преживеана тешка сообраќајна несреќа со камион. По пожарот во кој до темел е пеплосана социјалната барака во населбата „Варош“, со целата нивна покуќнина, Свеќанцоски со сопругата Мирјана и двете деца речиси две години живеат во стан со кирија. Но, во повеќе катницата лифтот е во дефект 6 месеци. Свеќанцоски е “заробен“ на 5-иот кат. За каква било потреба во градот, тој е условен од помошта на другите.

„Не можам да се движам со месеци. Расипиран е лифтот, во зградата нема станбен совет, станарите не собираат пари за поправка. Тие немаат проблем, како мојот. Јас сум “заробен“ со месеци на 5-ти кат. Ако имам каква било потреба низ градот, треба да го чекам син ми да си дојде од училиште, па да викнеме други луѓе на помош, да ме симнат и мене и количката пред зграда“, вели Свеќанцоски.

Денеска во терминот за средби, градоначалникот Илија Јованоски разговараше со овој наш сограѓанин и му вети дека ќе се заложи да биде саниран што поскоро дефектот на лифтот, со цел што повеќе да му се олесни животот на Свеќанцоски и неговото четири члено семејство.