Одржана 55 седница на Совет, распределени 6 милиони денари буџетски средства за спортски клубови и здруженија на граѓани

Советот на општина Прилеп ја одржа редовната 55 седница, со 31 прашање од интерес на граѓаните.

Покрај извештајот за извршување на буџетот на Општина Прилеп за првиот квартал од 2021 година, советниците донесоа Одлука за доделување на средства од општинскиот буџет на здруженија на граѓани и фондации, како и спортски клубови во областите од надлежност на Општината. За таа намена, од буџетот на Општина Прилеп беа одделени 6 милиони денари, од кои 4 милиони за спортски клубови и 2 милиони за здруженија на граѓани и фондации.

Членовите на општинскиот Совет ги изгласаа тримесечните извештаи за финансиското работење на општинските јавни претпријатија „Пазари“, „Комуналец“, Водовод и канализација“ и ЈП за ПУП, за периодот од 01.01.2021 до 31.03.2021 година.

Советниците ја изгласаа Информацијата за безбедносната состојба на подрачјето на ПС од Општа надлежност-Прилеп за второтo полугодие од 2020 година, а расправаа и за новонастаната состојба по притворањето на командирот на ПС Прилеп. Од страна на претставникот на Полициската станица од Општа надлежност-Прилеп, Игор Каравилоски, советниците беа информирани дека со Решение издадено на 21.04.2021 година од страна на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, за вд командир на ПС од Општа надлежност-Прилеп е назначен Дарко Цуцулоски.

Исто така, советниците донесоа одлука со која на ЈКП „Комуналец“ му доделија на трајно користење возило за собирање на комунален смет кое Општината го доби на основа на склучениот договор со Пелагонискиот плански регион, одлука за трајно користење на објекти на СОУ „Ѓорче Петров“, како и одлука за предавање на првонаграденото идејно решение за изградба на новиот театар, на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Членовите на општинскиот Совет дадоа овластување за утврдување на приоритет и потпишување на Договор за имплементација на под-проектот „Реконструкција – рехабилитација на дел од улица „Мице Козар“.

На денешната 55 седница советниците ги усвоија измените и дополнувањата на Програмата за утврдување на критериуми и стандарди за поставување на урбана опрема на подрачјето на општина Прилеп, донесоа одлуки за легализирање на бесправно изградени објекти, како и повеќе други одлуки кои се од интерес на граѓаните на Општина Прилеп.