Одбележана 64 годишнината од постоењето на ООУ „Страшо Пинџур“ од с.Мало Коњари

По повод 64 години од постоењето на образовната институција и 104 години од раѓањето на народниот херој Страшо Пинџур, чие име училиштето од с.Мало Коњари со гордост го носи, денеска учениците и наставниците од ова училиште го одбележаа својот патрон празник.

Ирена Кироска, директор на ООУ „Страшо Пинџур“, рече дека училиштето го карактеризира посебен дух и дека тоа е препознатливо по квалитетот на работата и образовните услуги.

„Денес кога го празнуваме патрониот празник, сакам да истакнам дека нашето училиште се карактеризира со посебен дух, дека е препознатливо по квалитетот на работата и квалитетните образовни услуги, по стручниот кадар кој постојано се усовршува, по стилот на менаџирање. Низ ова училиште поминале и стекнале образование многу познати личности, кои оставиле траги во општественото живеење во општината и пошироко. А дека и понатаму продолжуваме со квалитетна работа, говорат остварените резултати во сферата на воспитно-образовниот процес, но и резултатите на учениците постигнати на општинско, регионално, државно и меѓународно ниво“, истакна Кироска во своето обраќање.

Честитајќи им го патрониот празник, градоначалникот Илија Јованоски на учениците им порача дека онака како што патронот на нивното училиште се борел во името на правдата и еднаквоста, и тие треба во истиот дух да учат и постигнуваат успеси во својот живот.

„Вам, почитувани наставници од основното училиште, ви порачувам онака како што досега се грижевте и ги воспитувавте учениците, да продолжите и во иднина да го правите истото, а заедно со Министерството за образование и локалната самоуправа, да придонесете за подобрување на наставно-воспитниот процес во вашето училиште. Како и досега, локалната самоуправа ќе им ја дава поддршката на сите основни и средни училишта од општина Прилеп, со надеж дека учениците ќе станат академски граѓани кои ќе го поттикнуваат и подигнуваат нашето општество на повисоко ниво“, нагласи градоначалникот Јованоски.

Програмата за одбележување на патрониот празник започна минатата недела, кога беа одржани ликовна и креативна работилница, натпревар по англиски јазик, квиз на знаење, литературно читање и спортски активности.