Одбележан Меѓународниот ден на лицата со попреченост

По повод Светскиот ден на лицата со попреченост, 3-ти Декември градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески денеска го посети ООУ „Климент Охридски“ каде по повод беше организирана хуманитарната акција „Од деца за деца“. На акцијата беа презентирани честитки изработени од страна на сите ученици од сите основни училишта во нашиот град. Градоначалникот Јовчески ги поздрави присутните и замислата за хуманитарната акција и посочи дека овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со попреченост.  Но, не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите туку тоа треба да биде секој ден.

„Најпрво сакам да го честитам 3-ти Декември Меѓународниот  ден на лицата со попреченост. Денеска нашата посета ја започнуваме со хуманитарната акција во ООУ „Климент Охридски“, а веднаш потоа ќе ги посетиме дневниот центар „Ѕуница“, дневниот центар  за церебрална парализа и Порака. Морам да посочам дека овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кои ги имаат и со кои се соочуваат лицата со посебни потреби.  Не е доволно само еден ден да им се посвети внимание на овие лица и на нивните права за еднаквост со другите туку тоа треба да биде секој ден. Затоа јас во мојата програма наведов дека ќе ги подобриме  условите  за работа и функционирање во  Центарот за деца со посебни потреби „Ѕуница“ и останатите центри, како и ќе придонесам за зголемување на кадарот на стручно вработени кои работат со тие деца и нема да застанеме тука, туку активно ќе работиме на подобрување на нивната еднаквост во општеството и нивното функционирање“, истакна градоначалникот Јовчески.

Директорот на  ООУ „Климент Охридски“ Ахил Јаков истакна дека овој ден е посебно акцентиран на потребите и проблемите кој ги имаат и со кој се соочуваат лицата со попреченост.

„По повод одбележување на овој ден, центарот за поддршка на учење при нашето училиште  “Климент Охридски“ организира хуманитарна акција под името „Од деца за деца“ и истата ќе се реализира во два дела: изработка на новогодишни честитки и продажба на истите. За таа цел беа поканети да земат учество сите основни училишта на ниво на нашиот град, со што ја потврдуваме соработката со сите нив. Изработените честитки од страна на учениците ќе бидат изложени во просториите на центарот во време од 09 до 11 часот, а собраните средства ќе бидат наменети за потребите на учениците од центарот за поддршка на учење“, изјави Ахил Јаков директорот на  ООУ „Климент Охридски“.

Градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчески денеска ги посети и дневниот центар „Ѕуница“, дневен центар за церебрална парализа и Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост ПОРАКА-Прилеп. На средбите кои се одвиваа според веќе донесените протоколи Јовчески имаше можност да се запознае со тековните работни активности прилагодени на нивните потреби.