Градоначалникот Јованоски реши, а советниците донесоа одлука, по стари цени да се закупуваат дисперзирани тегзиња

Советниците на денешната 13 –та седница ги изгласаа решенијата на
градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, со кои беше запрено
објавување на две Одлуки што Советот ги донесе на минатата седница. Имено,
поништена е Одлуката за зголемување на цената за закуп на тезгињата во
дисперзираните пазари, што се во надлежност на ЈКП „Пазари“.

Како што рече претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, сите одлуки
се носат во интерес на граѓаните на општина Прилеп, во тој контекст е и
донесената одлука за враќање на старите и пониски цени за закуп на тезгињата
во дисперзираните пазари.

„Советот на Општина Прилеп ќе биде храм на демократијата, место каде ќе се
носат одлуки врз сопствено убедување на советниците. Со оглед на тоа што се
преиспитаа последиците, коишто ќе бидат врз граѓаните на Прилеп, со
донесувањето на таа одлука, градоначалникот Илија Јованоски го запре
извршувањето на претходно донесената одлука“, акцентираше Талевски.

Прилепските советници ја поддржаа Одлуката за учество на Општина Прилеп, со
сопствени средства, во имплементацијата на проектот „Изработка на
урбанистички планови за селата Ореовец и Крстец“. Тоа значи дека од
општинскиот буџет ќе бидат издвоени 576.563 денари, што претставува 50% од
цената на проектот, чија втора половина е субвенционирана од Бирото за
регионален развој при Министерството за локална самоуправа.

Членовите на Советот расправаа по 22 точки од дневниот ред, а поголемиот дел
од нив, беа од областа на урбанизмот, односно по доставени барања од граѓаните
за легализација на дивоизградени објекти. Тие го усвоија кварталниот извештај за
извршување на буџетот на Општина Прилеп, Извештајот за работа на градската
библиотека „Борка Талески“, а дадоа согласност за тримесечниот извештај за
финансиското работење и за Правилникот за измена и дополнување на
Правилникот за систематизација на работните места во домот за стари лица
„Киро Крстески-Платник“.

Без дискусија, советниците ги усвоија и годишните сметки за 2017 година на ООУ
„Добре Јованоски“ и СОЕПТУ „Кузман Јосифоски-Питу“, а едногласно беше
изгласан предлогот за збратимување на Прилеп со градот Источно Сараево.

Советниците денеска го верификуваа мандатот на советничката Зорица Кочоска,
која доаѓа на местото на починатата Весна Ангелеска.