„Прилепска Пиварница“ демонстрира висок степен на општествена одговорност

„Прилепска Пиварница“ демонстрира висок степен на општествена одговорност во функција на почист Прилеп. Нов автомобил машина за метење улици од денеска е ставен на располагање на ЈКП „Комуналец“, со цел почисти улици во градот и намалување на штетните ПМ 10 честички. Оваа новина е плод, на соработката на градоначалникот Илија Јованоски и менаџментот на „Прилепска Пиварница“.

Генералниот директор на „Прилепска Пиварница“ Сашо Самарџиоски истакнува дека само со успешна соработка и  взаемно разбирање со новата локална гарнитура и градоначалникот Илија Јованоски, може да се даде максимален придонес не само во реализација на развојните планови на компанијата, туку и во развојот на заедницата.

„Со градоначалникот Илија Јованоски во повеќе наврати разговаравме за потребите на градот, на јавните претпријатија. Оттука се роди иницијативата за набавка на современа автомобил машина за чистење улици, која што од денеска е на располагање на ЈКП ‘Комуналец’. Секако дека овде не прекинува нашата соработка со Општина Прилеп и градоначалникот Јованоски. Зашто само преку успешна соработка и взаемно разбирање може да се реализираат развојните планови и на компанијата, но и за доброто на сите граѓани“, изјави Самарџиоски.

Како компанија со општествена одговорност како што вели Самарџиоски, пиварницата отсекогаш ги помала сите проекти и настани во градот, за доброто на градот и граѓаните од целата општина.

Градоначалникот Јованоски, заблагодарувајќи се на „Прилепска Пиварница“, ги повикува и другите претпријатија коишто имаат одреден фонд за помош на заедницата да го дадат својот придонес за поубав Прилеп.

„Прилепска Пиварница со овој чин ја демонстрираше својата општествена одговорност. А, ефектот го имаат сите граѓани. Ставајќи ја оваа автомобил машина за чистење улици на располагање на ЈКП ‘Комуналец’, пиварницата станува пример, како може средствата од овој фонд да се искористат за доброто на сите граѓани, за целата заедница“,рече градоначалникот Јованоски.