Донација од 67 ранци со училишен прибор за поддршка на учениците Роми

Во рамките на проектот „Со грижа до намалување на глад, стрес и образовни потребни”, денеска во спортската сала на ООУ „Добре Јованоски“ беа поделени 67 ранци со училишен прибор, за поддршка на учениците Роми.

Ранците се донација на невладината организација „Рома Перспектив“, а на настанот присуствуваше градоначалникот Илија Јованоски, како и директорката на училиштето, Сузана Дарковска.

„Задоволство ми е што сум дел од овој настан, кој се случува во училиштето каде јас го завршив основното образование. Токму од ова училиште имаат излезено голем број на кадри, доктори, архитекти, наставници. Се радувам што во училиштето во кое настава посетуваат ученици од македонска и ромска етничка заедница, условите за образование се подобруваат во континуитет. Сакам да изразам благодарност до директорката, до наставничкот кадар за неуморната работа, бидејќи во изминатиот период овде се реконструираа голем број на училници, кабинети, се набавија нагледни средства, а особена благодарност за невладината ‘Рома Перспектив’ за денешниот проект. Исто така сакам да им го честитам почетокот на оваа учебна година на сите провооделенци, како и на сите родители“, истакна градоначалникот Јованоски.

„Денеска со гордост стоиме како организација која што се бори за ромското прашање и за населението кое го застапуваме. Заедно со тимот од локалната самоуправа на чело со градоначалникот Илија Јованоски, заедно со директорката на ООУ ‘Добре Јованоски’, се трудиме да го подобриме стандардот на ова население. Еден од главните приоритети на нашата организација е образованието и гледаме да помогнеме за што поквалитетно образование. Тоа го направивме и преку грантот кој го реализиравме минатата година од јапонската амбасада, а сега сме тука да им поделиме 67 ранци со училишен прибор на учениците од најранливите категории. Исто така сакам да посочам дека наскоро со помош на Општина Прилеп, како и со наши средства, ќе обезбедиме и компјутери за децата кои немаат, а наставата ја следат онлајн“, истакна Сами Ајдини од невладината „Рома Перспектив“, која ги донираше ранците и училишниот прибор“ за учениците од семејствата со социјален ризик .
Според Сузана Дарковска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“, училиштето ги следи сите мерки и протоколи донесени од страна на Министерството за образование поврзани со Ковид-19, со цел да ги заштити учениците и наставниците. Оваа година се направени повеќе инвестиции за да бидат подобрени условите за работа, а реновирани се поголем дел од училишните простории.
Проектот е финансиран од Генералниот секретаријат за обезбедување на финансиска поддршка на здруженија на граѓани и фондации.