4 – та седница на Советот на Општина Прилеп

На четвртата седница на Советот на Општина Прилеп, што се одржа денеска, се најдоа 5 точки, меѓу кои и развојните програми за 2022 година. Согласно Планот на развојни програми на Општина Прилеп за 2022 за кои гласаа советниците, предвидена е реализација на проектот за изградба на пешачката улица „Борка Талески“, изградба на главен доводен цевковод во населеното место Канатларци и изградба на детската градинка во населбата Точила.

Покрај усвоените развојни програми на денешната седница не се изгласаа тримесечните извештаи за финансиското работење на Општина Прилеп и јавните претпријатија ЈКП „Водовод и канализација“, „ЈКП „Комуналец“,како и на финансискиот извештај на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“. Со мнозинство гласови беше прифатен предлогот на претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Ирена Стерјовска Локвенец , Советот да покрене постапка за вршење контрола над материјалното и финансиско работење пред надлежен орган за надзор и да се дополнат одлуките за давање согласност на тримесечните извештаи за финансиското работење на Општина Прилеп и јавните претпријатија и ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Комисијата за елементарни непогоди одржа седница и го потврди Записникот од одржаната седница на комисијата од претходниот состав, кој се однесува на барања за еднократна финансиска помош на семејствата чии домови изгореа во населбата Варош.