Унгарскиот амбасадор, Иштван Дукс во посета на Општина Прилеп

Амбасадорот на Република Унгарија во Република Македонија, Ласло Иштван Дукс и градоначалникот Илија Јованоски денеска во Прилеп разговараа за зацврстување на соработката во сферата на економијата, инфраструктурата, културата и спортот.

„Особено ми е чест што денеска остваривме средба со унгарскиот амбасадор Иштван Дукс. Разговаравме на различни теми. Целта е да ја зацврстиме соработката на економски план со одредени компании. Разговаравме и за продлабочување на соработката на културен, инфраструктурен план, а беше понудена и отворена опција за користење стипендии што ги овозможува Владата на Република Унгарија.Им порачувам на нашите студенти да аплицираат, да ги искористат овие стипендии кои што ќе придонесат за зголемување на нивните знаења, вештини, за размена на искуства меѓу младите од двете земји. Искрено се надевам на отворена и долгорочна соработка со Република Унгарија“, порача градоначалникот Јованоски.

Според амбасадорот Ласло Иштван Дукс, Унгарија има многу блиски врски со Прилеп.

„Со градоначалникот Јованоски разговаравме за реализирање на многу проекти од областа на спортот, културата, образованието, инфраструктурата, економијата“, рече амбасадорот Дукс.

Тој потсети на историските врски на Република Унгарија со градот Прилеп, зошто овде се закопани голем број унгарски војници од Првата светска војна. А, при отварање на „Прилепската пиварница“ учествувал еден унгарски мајстор за пиво. Амбасадорот ја истакна заемната плодна соработка на ПИ „Витаминка“ со унгарски стопанственици.

Амбасадата на Република Унгарија во Република Македонија, како што акцентираше амбасадор Иштван Дукс ќе ги зајакнува и натаму односите со Општина Прилеп.