Продолжуваат активностите за решавање на инфраструктурните проблеми во месноста „Три багреми“

Во функција на непречено одвивање на планираните активности за решавање на проблемите на жителите од месноста „Три багреми“, денеска во кабинетот на градоначалникот Илија Јованоски се одржа координативен состанок. Покрај градоначалникот, на состанокот учествуваа и министерот за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, Аксел Ахмедоски, пратеникот Самка Ибраимоски, извршната директорка на здружението РОМА С.О.С. Несиме Салиоска.

Прилепскиот градоначалник, Илија Јованоски, рече дека деновиве ќе дојде до потпишување на нов договор помеѓу Општина Прилеп и ЕВН.

„Остануваме на ветувањето дадено на Граѓанскиот парламент и на средбата со ромското население од оваа населба, дека ќе биде изградена целокупната инфраструктура во тој дел од градот. Со зафатите во мрежата кои ќе ги изврши ЕВН, ќе дојде до зајакнување на напонот на струјата, со што жителите од населбата ќе добијат квалитетна електрична енергија“, истакна градоначалникот Јованоски.

Поранешниот министер а сега пратеник во Собранието на РМ, Самка Ибраимоски, потврди дека потпишувањето на новиот договор помеѓу Општина Прилеп и ЕВН е од технички карактер. Ибраимоски рече дека сите обврски кои тој ги дал од позиција на министер за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во Република Македонија, ќе ги реализира неговиот наследник на министерската функција.

„Како што рекоа градоначалникот Јованоски и пратеникот Ибраимоски, парите за реализација на проектот се легнати на наменската сметка на Општина Прилеп и тој ќе биде реализиран. Ова е моја прва средба со градоначалникот на Прилеп и она што заедно го планираме е реализација на локалните акциски планови кои произлегуваат од стратегијата за подобрувањето на состојбата на Ромите во РМ“, изјави министерот без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите во РМ, Аксел Ахмедоски.

Несиме Салиоска од невладината РОМА С.О.С. рече дека мора да се потенцира дека станува збор за решавање на проблеми во населба која е надвор од урбанистичкиот план на градот.

„Сите овие активности се за подобрување на општата состојба на жителите од „Три багреми“. Исто така, треба да се објасни дека сите оние домаќинства кои немаат легален приклучок за струја, во втората фаза од проектот ќе треба да се размислува за нивно приклучување во мрежата, за да може во целост да се реализира целта на овој проект“, рече Салиоска.