Празникот „Свети Никола“ одбележан во прилепската населба Жабино Маало

Традиционално како и секоја година, еден ден пред големиот христијански празник „Свети Никола“, со прережување на славскиот колач и мал водосвет, што се изведе пред параклисот посветен на свети Никола, жителите на прилепската населба Жабино маало денеска го одбележаа споменот за патрониот празник на Прилеп.

Градоначалникот, Илија Јованоски на покана на граѓаните од оваа населба, присуствуваше на свеченоста. При тоа истакна дека традициите поврзани со одбележувањето на овој ден ќе продолжат и понатаму.

„Традицијата во Прилеп продолжува понатаму, продолжува чествувањето на сите слави во нашиот град. И денеска по повод патрониот празник ‘Свети Никола’ присуствуваме овде во населбата Жабино маало. На сите граѓани сакам да им ја честитам славата, нека е за многу години. Ги поканувам сите граѓани на Прилеп, утре да присуствуваат на одбележувањето на патрониот празник во центарот на градот“, порача градоначалникот Јованоски.

„Свети Никола“ им е куќна слава и на годинешните и на идните домаќини од населбата Жабино Маало. Тие ги поканија граѓаните и идната година да бидат нивни гости на чествувањето пред параклисот.

„Од година во година сме се побројни. Доаѓаме овде за да го чествуваме празникот ‘Свети Никола’, што е куќна слава речиси на целата населба. Му благодариме на градоначалниот Јованоски за неговото присуство денеска и ги покануваме граѓаните и наредната година да бидат наши гости“, рече Оливер Златаноски, домаќин на славата.

„Нам ‘Свети Никола’ не ни е куќна слава, но живееме овде и веќе подолг период сакав да се пријавам за домаќин. Годинава одлучив. Чувството да се биде домаќин на еден ваков настан е одлично и ги поканувам сите граѓани наредната година да дојдат овде за овој ден“, изјави Петре Козароски, иден домаќин на славата.

Утре, Прилеп по 12-ти пат ќе ја одбележи својата градска слава „Свети Никола“. Чествувањето ќе започне со литургија во црквата „Свето Благовештение“, а потоа ќе се изврши водоосветување и прережување на славскиот колач кај параклисот посветен на свети Никола. За сите присутни, годинешните домаќини од хотелот „Салида“, имаат подготвено и празнична трпеза што ќе биде послужена во центарот на градот.

Видете и...

Градоначалникот Јованоски на сите православни христијани им го честита празникот Богојавление – Водици

Со желби за многу здравје, љубов и среќа, градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, на …