Одржана седма вонредна седница на Совет на Општина Прилеп

Денеска Советот на Општина Прилеп ја одржа седмата вонредна седница на која што беше усвоена урбанистичко-планска документација за усогласување на намената на земјиштето според Генералниот урбанистички план (ГУП) за Прилеп. Станува збор за објект, којшто по легализирањето ќе биде пренаменет за отворање дневен Центар за деца со церебрална парализа.

„Општина Прилеп има поднесено проект до Министерството за труд и социјална политика за одобрување средства за реконструкција на објектот каде што ќе биде сместен дневниот Центар за деца со церебрална парализа. Денеска Советот на Општина Прилеп донесе одлука за пренамена на објектот, кој што бил заведен како објект од деловен карактер,  да биде пренаменет за сместување и заштита на деца од социјален ризик. Центарот ќе биде од исклучително значење за децата и за нивните родители. Овој е втор центар во државата, првиот е отворен во Скопје“, изјави Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.

Според надлежните во Општина Прилеп, од објавување на јавниот повик се работеше на изработка на потребната документација, за да се приспособи објектот во согласност со пропишаните нормативи и стандарди за згрижување на лица со попречености во дневни центри.

Со ова продолжува процесот за институционално решавање на проблемот на овие лица преку обезбедување соодветен простор за функционирање на дневен центар.

Изминатиот период Општина Прилеп организираше повеќе настани со хуманитарен карактер. Средствата од светиниколскиот турнир во мал фудбал и пренаменетите пари за пречек на Нова година ќе бидат инвестирани во опремување на дневниот центар.