Во „Ристе Ристески-Ричко“ промовирани новите паралелки на образовни профили од дуалното стручно образование по германски модел

Во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, денеска беа промовирани две нови паралелки во образовните профили опфатени со проектот дуално образование по германски модел. На средбата  која беше организирана согласно протоколите за заштита од Ковид 19, присуствуваа претставници од Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија, градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, претставници од бизнис секторот и ученици.

Ова е втора година откако е започнат проектот кој е во организација на Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија , поддржан од Министерството за образование, Центарот за средно стручно образование и обука и Бирото за развој на образованието, а во партнерство со компаниите „Гентерм“, „Витаминка“ и „ВИК“, каде што учениците посетуваат практична обука која што е застапена  во сооднос од 50 проценти од нивната настава .

Градоначалникот Илија Јованоски ја поздрави оваа програма и сите  вклучени  страни  во реализација на истатата, истакнувајќи дека со неа се отвора можноста голем дел од младите кои не се во план да го продолжат своето образование на некоја од високо образовните институции, да се стекнат со соодветно стручно образование со кое потоа ќе бидат конкурентни на пазарот на трудот.

„Иницијативата за спроведување на дуално стручно образование доаѓа од самите компании, а наша задача во оваа програма е да ја управуваме и да ја насочуваме таа соработка меѓу компаниите и училиштата, како дел од јавниот сектор и, секако, Министерството за образование и наука, и истото образование да биде признато на ниво на цела држава. Компаниите многу инвестираат во дуалното образование, исто така и во работна сила, персонал и во нивни интерес е да им понудат добри услови за работа на кандидатите со цел да ги задржат учениците кои кај нив се обучувале. Составен дел на оваа програма е и месечниот надоместок кој учениците го добиваат при извршувањето на практичната обука во компаниите, значи компаниите им исплаќаат месечен надоместок на учениците за практичната обука“, истакна директорот на Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија, Патрик Мартенс.

Со дуалното образование, кое оваа година се спроведува во седум средни стручни училишта од седум градови во нашата земја, се зголемува практичната обука на учениците на 50 проценти во рамките на нивното формално образование .

Учениците кои се опфатени со проектот на дуално образование, покрај тоа што ќе полагаат државна матура, во текот на образованието ќе се стекнат и со интерен испит кој е подготвуван од страна на компаниите, се’ со цел за поттикнување и развој на стручни вештини и полесно вклопување во производствените процеси.

„За нашето училиште е чест што е дел од проектот каде се спроведува проектот на дуално стручно образование по германски модел. Минатата година, кога за прв пат бевме вклучени, беа пет училишта од пет различни градови од Македонија, а оваа година се приклучуваат уште два други града. Минатата година кај нас ги имавме запишано двата образовни профили, техничар за индустриска мехатроника од електро – техничката струка со вкупно десет ученици, кои својата практична обука ќе ја спроведуваат оваа година  во компанијата ‘Гентерм’ и во компанијата ‘Витаминка’, додека другиот образовен профил беше техничар за  производно машинство со 8 ученици, кои што ќе ја спроведуваат оваа учебна година својата обука во компанијата ‘ВИК’. Оваа учебна година на овие два образовни профили имаме осуммина од техничар за индустриска мехатроника и само тројца од техничар за производно машинство, што се должи на состојбата со пандемијата со Ковид 19 во нашава држава“, истакна Билјана Трајкоска, директор на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“.

Во знак на успешен старт на учебната година, на учениците од нови паралелки во образовните профили опфатени со проектот дуално образование по германски модел, од страна на Делегацијата на германското стопанство во Република Северна Македонија им беа доделени ученички ранци со училишен прибор.