Трето место за прилепските шахисти на државното првенство во Струга

На минатонеделниот 27.Екипен шампионат на Македонија во шах кој се одржа во
Струга, екипата на ШК „Прилеп“ го освои третото место, односно истото го подели
со ШК „Гостивар“. Со тоа, прилепскиот клуб се стекна со можност следната година
да настапи на Купот на европските шампиони, кој ќе се одржи во Будва, Црна Гора.

Од клубот се задоволни со постигнатиот резултат и пласманот на третото место,
кое е резултат на остварените 3 победи, 3 нерешени средби и 1 пораз, кој дојде од
неприкосновената екипа на ШК „Алкалоид“, кој титулата ја освои по 26-ти пат.

„Шаховскиот клуб ‘Прилеп’ функционира под покровителство на Општина Прилеп.
Благодарение на локалната самоуправа и градоначалникот Илија Јованоски кои ги
обезбедуваат најголемиот дел од финансиските средства, го постигнавме овој
успех и добивме можност следната година да настапиме во најпрестижното
шаховско натпреварување во Европа. Се надевам дека во наредниот период ќе
успееме да обезбедиме дополнителни средства од спонзори, со цел на
претстојното првенство достојно да ги претставиме и Прилеп и Македонија“, вели
претседателот на ШК „Прилеп“, Тони Кироски.

Боите на клубот на шампионатот ги бранеа шестмина прилепски шахисти:
Интернационалниот мајстор Тони Кироски, ФИДЕ мајсторот Славе Трајкоски и
мајсторските кандидати Дејан Ѓорѓиоски, Горан Готовуша, Кире Николоски и Марјан
Дамчески, како и двајцата шахисти од Србија – Велемајсторот Мирослав Миљковиќ
и Интернационалниот мајстор Борољуб Златановиќ.

Покрај Државното првенство во поединечна конкуренција и Европското првенство
во брзопотезен шах, кои ќе се одржат до крајот на тековната 2018 година, од клубот
истакнуваат дека наскоро ќе ги започнат припремите за возобновување на
шаховскиот викенд турнир, кој годинава ќе биде одржан после пауза од неколку
години. Според Кироски, викенд турнирот ќе биде дел од Програмата на Општина
Прилеп за одбележување на Денот на ослободувањето на градот, 3.Ноември и ќе
има меѓународен карактер.