Се одржа тринаесеттото „Поетско Маркукуле“

Градот под Марковите кули по 13-ти пат беше домаќин на традиционалната
манифестација „Поетско Маркукуле“, која традиционално се одржува во
амфитеатарот кај „Слонот на тронот“. На годинешното издание на
интернационалната манифестација „Поетско Маркукуле“, учествуваа поети од
повеќе градови од Македонија и од странство, што е една од главните цели на
организаторот – што поголем број на поети да се соберат на едно место.
Манифестацијата има ревијален карактер, песните не се селектираат, а секоја
година се’ поголем е бројот на поети кои доаѓаат од дијаспората.

„Вечерва во организација на Градската библиотека ’Борка Талески’ и Општина
Прилеп, се одржува традиционалната манифестација ’Поетско Маркукуле’.
Манифестацијата се одржува тринаесетта година по ред и на неа ќе земат учество педесетина поети од сите градови на Македонија. Вечерва ќе биде промовиран и зборникот од песни на учесниците од минатата година. Оваа манифестација од година во година зема се’ поголем замав и предизвикува се’ поголем интерес кај поетите“, истакна Петар Петрески, директор на Градската библиотека „Борка Талески“.

Идејата за манифестацијата е на Љубен Димкароски-Димкарот, кој во 2005
година предложил настанот да се одржува на Марковите кули, а песните да не
траат подолго од две минути. Веќе следната 2006 година, „Поетското
Маркукуле“ го доживеало своето прво издание.