Со редуцирана програма, без масовни собири и огномет, Општина Прилеп ќе го одбележи Денот на народното востание

„Одбележувањето на државниот празник, Денот на народното востанието 11
Октомври, оваа година ќе се организира во посебни услови, согласно протоколот за
одбележување државни празници и без масовни собири, што го усвои Владата на
Република Северна Македонија. Заради пандемијата со КОВИД-19, тие услови се
однесуваат на бројот на учесниците, здравствено-безбедносната организација на
местата каде што ќе се одржат свеченостите, како и местата за посетителите и
учесниците, со обезбедена дистанца и заштита. Во таа насока, оваа година
содржината на програмата за одбележување на Денот на народното востание е
редуцирана, а акцентот е ставен на положување венци и свежо цвеќе на споменици и
спомен обележја“, истакна на денешната прес конференција по повод Денот на
народното востание 11 Октомври, градоначалникот Илија Јованоски.

Програмата за одбележување на Денот на народното востание започнува утре, во 11
часот на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“, со отворање на Фестивалот на
медот, „Медот и пчелните производи, инвестиција во вашето здравје“.

Во сабота, 10 октомври, во Центарот за култура „Марко Цепенков“, од 09 до 13 часот
ќе се одржи крводарителска акција, во организација на Општинската организација на
Црвениот Крст – Прилеп. Вечерта во 19 часот е импровизираниот напад на Участакот,
а половина час подоцна во Центарот за култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи
Интернационалниот детски музички фестивал „Ѕвездички“. Детскиот фестивал ќе се
одржи според сите протоколи за организирање настани во затворен простор, а кажано
со бројки, тоа значи дека согласно пропишаната дистанца, во салата може да има
максимум 105 посетители.

„Она што сакам да го потенцирам, е дека заради почитување на протоколот за
одбележување државни празници, оваа година ќе изостане традиционалниот огномет.
Сите знаеме дека огнометот е една од главните причини заради кој граѓаните во
голем број излегуваат на градскиот плоштад ‘Методија Андонов – Ченто’. Тоа, во
актуелните услови на пандемија од Ковид-19, е ризик и потенцијална опасност за
ширење на коронавирусот. Ниту Општина Прилеп, ниту јас како градоначалник,
немаме намера да им го ограничуваме правото на слободно движење на нашите
сограѓани. Меѓутоа како одговорна власт и како одговорни граѓани, ќе ги спроведеме
мерките за заштита од коронавирусот. Истовремено, искажувајќи грижа за здравјето
на граѓаните на нашата општина, упатувам апел до сите нив, доколку сепак одлучат
да излезат во центарот на градот, да користат заштитни маски и да одржуваат
дистанца“, истакна градоначалникот Јованоски.

Во недела, 11 октомври, чествувањата по повод Денот на народното востание
започнуваат во 8.30 часот, со полагање на свежо цвеќе на спомениците на Методија
Андонов – Ченто и Кузман Јосифоски – Питу, Алејата на народните херои, споменикот
„Жена борец“ и Могилата на непобедените.

Во 12 часот, во месноста „Топташ“ ќе се одржи „Топташ даунхил купот“, натпревар кој
ќе биде бодуван за ранг листата на Велосипедската федерација на Македонија.
Одбележувањето на празникот ќе биде заокружено во 17 часот, кога во Центарот за
култура „Марко Цепенков“ ќе се одржи детскиот музички фестивал „Весели
ѕвончиња“.

„Сакам да напоменам дека соработката на нашата Општина и Општина Куманово во
заедничкото одбележување на Денот на народното востание продолжува и оваа
година. Во сабота на 10 октомври, претставници на Општина Куманово ќе
присуствуваат на дел од настаните кои ги организира Општина Прилеп, а следниот
ден, во недела на 11 октомври, делегација од нашиот град ќе положи цвеќе на
Спомен костурницата во Куманово. На крајот, на сите граѓани им го честитам Денот
на народното востание. Нека ни е честит и вековит 11 Октомври!“, рече
градоначалникот Јованоски на денешната прес конференција, одржана по повод
Денот на народното востание, 11 Октомври.

 

Програма за одбележување на Денот на народното востание, 11 Октомври

Петок, 09.10.2020 г.

11:00 ч. Отворање на Фестивалот на медот „Медот и пчелните производи,
инвестиција во вашето здравје“
Плоштад „Методија Андонов – Ченто“

Сабота, 10.10.2020 г.

09:00 – 13:00 ч. Крводарителска акција на ОО на Црвен Крст – Прилеп
ЦК „Марко Цепенков“
19:00 ч. Импровизиран напад на градот
19:30 ч. Интернационален детски музички фестивал „Ѕвездички“
ЦК „Марко Цепенков“

Недела. 11.10.2020 г.

Полагање цвеќе пред споменици и спомен обележја:

08:30 Методија Андонов – Ченто
08:40 Кузман Јосифоски – Питу
09:00 Алеја на народни херои
09.10 Споменик „Жена борец“
09.20 Могила на непобедените
12:00 Toptash Downhill Cup
Месност викана „Топташ“
17:00 Детски музички фестивал „Весели ѕвончиња“
ЦК „Марко Цепенков“