„Медот и пчелните производи, инвестиција во вашето здравје“, 11-то издание на Фестивалот на медот

Во организација на пчеларското здружение „Братство“ и Општина Прилеп, денеска
започна Фестивалот на медот „Медот и пчелните производи, инвестиција во
вашето здравје“.

Поради препораките за заштита од Ковид 19, годинешното 11-то издание на оваа
манифестација се одвива само со излагачи од прилепскиот регион, кои во трите
денови ќе го претстават своето производство на мед и други пчелни производи.
Учесниците ги поздрави и тридневниот Фестивал на медот за отворен го прогласи
градоначалникот на општина Прилеп, Илија Јованоски, кој истакна дека со
огранизацијата на овој настан, започнува одбележувањето на Денот на народното
востание, 11 Октомври.

„Со денешниот настан започнува чествувањето на празникот 11 Октомври.
Започнуваме токму оттука, од плоштадот ‘Методија Андонов – Ченто’, каде
неуморните пчелари го одржуваат својот 11-ти по ред фестивал. Драго ми е што
здружението ‘Братство’ опстојува шеесетина години и што ниту пандемијата не го
спречи одржувањето на оваа традиционална манифестација. Општина Прилеп и
во иднина ќе ја поддржува работата на здружението, затоа што здравјето и медот
одат заедно“, истакна градоначалникот Јованоски.

Претседателот на пчеларското здружение „Братство“ од Прилеп, Љупчо
Ѓорѓиоски, напомена дека целта на манифестацијата е да се поттикне
производството на мед и да се влијае врз порастот на неговата потрошувачка.