Со поставениот оптички интернет, во СОУ “Орде Чопела“ создадени одлични услови за изведување на настава од далечина

„Одличната соработка со Општина Прилеп и градоначалникот Илија Јованоски, придонесе за значително подобрување на условите за настава и работа во СОУ ‘Орде Чопела’. Поддршката резултираше со успешна реализација на воспитно-образовниот процес и имплементација на проекти кои беа клучни за подобрување на условите за следење и изведување на наставниот процес“, вели директорката на СОУ „Орде Чопела“, Анета Пејоска.
Освен набавените технички помагала, нови бели табли за сите кабинети и лаборатории, смарт табли и проектори, сите кабинети се опремени со нов компјутер за одржување на онлајн настава, а училиштето склучило договор со интернет провајдер за монтирање на оптички интернет, со што значително се подобрени условите за следење настава од далечина.
„Набавена е и потребна опрема за стручните активи, тука би го споменала и опремувањето на библиотеката со стручна литература, белетристика и лектирни изданија, хортикултурно и партерно се уреди училишниот двор, се изврши дренажа на дел од дворот, а се реконструираше кошаркарското игралиште кое доби и осветлување. Исто така, покрај молеро-фарбарските работи, влеговме во програмата на Министерството за образование и наука за реконструкција на средните училишта, од каде беа обезбедени средства за комплетна обнова на тоалетите. Со сопствени средства добиени преку разни проекти, комплетно го реновиравме кабинетот по очна оптика, а во моментов во тек е јавна набавка за промена на подовите, проект за кој средствата ги обезбеди локалната самоуправа“, истакна Пејоска.
Директорката на СОУ „Орде Чопела“ потенцира дека и во вакви вонредни услови на пандемија на Корона вирус, училиштето нема да престане да се обновува и осовременува. За таа цел веќе е готов проектот за реконструкција на фасадата и внатрешната столарија, а во блиска иднина ќе следи набавка и на професионална опрема за изведување на практична настава за очна оптика.