Со доделување благодарници и плакети на крводарителите, во Прилеп одбележан Денот на крводарителството

„Прилеп е град на хуманоста, со голем број крводарители и хумани луѓе.
Денешното присуство на крводарители кои дале крв 25, 50, 75 и 100 пати, е факт
кој зборува сам по себе. Почитувани крводарители, не треба да акцентираме
колкав е вашиот придонес за заедницата, бидејќи дарувајќи ја драгоцената
течност, вие спасувате човечки животи а вашиот влог е бесценет дар“, им порача
денеска градоначалникот Илија Јованоски на крводарителите од Прилеп, кои по
повод 17-ти Март, Ден на крводарителството во Македонија, добија благодарници
и плакети.

Јованоски рече дека мисијата на крводарителите, над се’ е општеството, бидејќи
со нивна помош и поддршка се намалуваат трошоците за лекување на пациентите
и истовремено се придонесува за нивно побрзо опоравување.

„Затоа сте вие нашите современи херои. Тивко, нечујно оставате траен печат во
животите на луѓето чии животи ги спасувате, придонесувате нашата заедница и
натаму да го носи епитетот “хумана заедница“. Затоа, од името на сите нас, на
целата заедница, ви благодарам. Да продолжи вашата соработка со службата за
трансфузиологија и со прилепската организација на Црвениот крст, кои секој од
своја страна даваат огромен придонес во грижата за здравјето и животот на
нашите сограѓани“, истакна градоначалникот Јованоски.

Пеце Илиоски досега дарувал крв 104 пати. Вели дека крводарителството е нивна
семејна традиција и дека и во иднина и тој, и останатите членови на неговото
семејство ќе продолжат со дарување на скапоцената течност.

„Мислам дека крводарителството кај нас е доста развиено, има многу млади кои
даруваат крв. Дарувам за да спасам нечиј живот, а освен тоа постои и семејна
традиција од моите родители. Мојот татко дарувал крв скоро 70 пати, мајка ми и
брат ми преку 20 пати. Апелирам до младите да бидат хумани и да даваат крв“,
изјави Илиоски.

На денешното одбележување на Денот на крводарителството во Македонија,
плакети и благодарници добија четириесетина граѓани на општина Прилеп кои крв
дале 25, 50, 75 и 100 пати. Покрај тоа, градоначалникот Јованоски најави дека
рекордерот според бројот на дарувања, Пеце Илиоски, Општина Прилеп ќе го
награди и парично, со доделување вредносен ваучер.