Пролетно естетско кастрење на дрвјата во центарот на Прилеп

ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, во рамките на своите надлежности започна со пролетно кастрење на дрвјата од дрворедите во централното градско подрачје. На булеварот „Гоце Делчев“, најзастапени се липата, костенот и брезата . Липата може да се крои повеќе пати, а брезата и костенот поретко. Со ова пролетно кастрење, покрај продолжување на животниот век, ќе се добие и естетски изглед на крошната од дрвјата.

„Староста на самите дрвореди од липа е околу 60 до 65 години, што значи липата е во голем ризик на вегетација со оглед на староста. Со оваа активност ќе се продолжи животниот век за околу пет години, претежно на липите“, истакна Даре Цветаноски, раководител на Сектор за Јавно прометни површини, паркови и зеленило.

Дрворедите претежно се покрај површини со асфалт каде има недостиг на влага, што е еден од условите секоја година од јавното претпријатие да пристапуваат кон естетско кроење на гранките од дрвјата. Од “Комуналец“, потенцираат дека поради староста на самите дрвја во иднина треба да се размислува и да се засадуваат нови дрвја по дрворедите.

Оваа активност, комуналците ја извршуваат два пати годишно во пролет и есен, и е една од потешките операции за работа, зашто бара внимателност при сечењето, но и поголема прегледност во работата, заради околните згради и дуќани, но и фреквенцијата од луѓе и возила.