Прилепските советници го усвоија Извештајот за штетата од невремето кое ги зафати реоните на Канатларци и Тополчани

Членовите на Советот на општина Прилеп денеска ја одржаа 30.седница, на која
расправаа по две точки од дневниот ред: усвојување на збирниот извештај за
проценетата штета на подрачјето на општина Прилеп, настаната со невремето од
24 јуни и 4 јули и давање согласност на ООУ „Добре Јованоски“ за отворање на
продолжен престој на учениците.

„Со невремето кое на 24 јуни го зафати Канатларци и околните населени места,
зафатени се 642 хектара земјиште со проценета штета од 74 милиони денари.
Советот исто така го усвои и извештајот за второто невреме кое што на 4 јули го
погоди подрачјето на Тополчани и другите населени места, кое зафати површина
од 76 хектари а висината на проценетата штета изнесува околу 6 милиони денари.
Советот на општина Прилеп овој извештај ќе го испрати до второстепената
владина комисија која на следната седница треба да го усвои извештајот и да
изврши обештетување на жителите“, изјави претседателот на општинскиот Совет,
Миле Талевски.

На денешната седница, советниците дадоа согласност за отворање на продолжен
престој за учениците во ООУ „Добре Јованоски“.