Прилепски ,,Комуналец“ доби нова хидраулична преса

ЈКП ,,Комуналец,, доби нова автоматската преса, која е набавена со средства
од проектот „БИО – РЕАЛ“, од програмата на Европска Унија Интеррег – ИПА,
преку проектот прекугранична соработка со Грција. Финансиската вредност на
пресата е 3.690.000 денари.

“Јавното комунално претпријатие ‘Комуналец’ продолжува со своето
осовременување и модернизација на возниот парк , пред неполн месец доби
нов камион за отпад токму преку проектот ‘БИО – РЕАЛ’, a сега продолжува со
таков тренд. Денеска во функција ја ставаме хидрауличната преса, која што
служи за пресување на отпадниот материјал и се надевам дека
доопремувањето на претпријатието ќе продолжи и понатаму. Општина Прилеп
продолжува со субвенционирање на ЈКП ‘Комуналец’ така што за наредната
година се одвоени 20.000.000 за модернизација и осовременување на возниот
парк и се останато што е потребно за ова јавно комунално претпријатие“,
истакна градоначалникот Илија Јованоски.

Според в.д директорката Ирена Станкоска во рамките на проектот БИО – РЕАЛ
набавена е хидрауличната преса, која е во вредност од 3.690.000,оо денари.

„Преку проектот БИО – РЕАЛ набавена е хидрауличната преса, која е во
вредност од 3.690.000 денари. Истата е монтирана пред 13 дена, пуштена
беше во пробна работа, а од денеска официјално ја пуштаме во употреба.
Хидраулична преса БПХ50 многу ќе ни помогне во работата, со тоа што ќе се
подигне продуктивноста на повисоко ниво, а исто така на посовремен и
помодерен начин ќе одговориме на потребите и на барањата за селекцијата на
отпад“, истакна Ирена Станкоска в.д директорка на ЈКП „Комуналец“.

Хоризонталната хидраулична преса БПХ50, е наменета за пресување и
балирање на сите видови стара хартија, картон, отпад од графичката
индустрија, отпадни материјали од индустриското производство ПЕТ, МЕТ и
ХДПЕ/ЛДПЕ, лименки, боци и се што може да се балира, а за кои отпадни
материјали има пласман. Автоматската преса е со потисок од 200 бари,
изработена е од квалитетни челични материјали, со примена на современи
конструкциски решенија, со што е обезбедена сигурност и брзина во
работењето.

“Процесот е многу подобрен, олеснета е работата на вработените со оваа
хидраулична преса. Може да преработи околу 4.000 кг на час, се е автоматско,
сама поврзува. На месечно ниво имаме 100 тони отпад, од кои 70% оди на
хартија, 20% на пластиката и 10% на најлон, што значи тоа се 1.200 тони
годишно преработена хартија, пластика и најлон“, истакна Диме Велески
раководител на селекција на отпад.

„Ние сме добавувачите на оваа хидраулична преса. Задоволни сме што
проектот успешно се доведе при крај и што функционира и се надеваме дека
ЈКП ‘Комуналец’ успешно ќе ја користи пресата. Морам да ги пофалам, бидејќи
тие се едни од подобрите комунални претпријатија на ниво на држава, кои многу успешно се справуваат со селекцијата на отпадот“, потенцираше Роберт
Мицкоски од „Еко клуб“.

Проектот „БИО-РЕАЛ“ е од програмата на Европска Унија Интеррег – ИПА,
прекугранична соработка со Грција, а го користат 6 партнери и тоа: Општините
Халкидона и Термаикос од Грција, Универзитетот за храна од Солун, ЈКП
„Дервен“ од Велес, Општина Свети Николе и ЈКП „Комуналец“ од Прилеп.