Откупот на тутун од ланската реколта и зголемените субвенции, тема на трибината со министерот Љупчо Николовски

Висока просечна откупна цена од 217,5 денари за килограм, зголемени субвенции
коишто за прва класа достигнуваат и до 80 денари за килограм и низа мерки коишто
ќе придонесат за што пореална исплата на субвенциите на тутунарите. Ова беше
темата на трибината на прилепските тутунари со министерот за
земјоделство,Љупчо Николовски што се одржа вечерва во Прилеп, во центарот за
култура „Марко Цепенков“.

„Сакаме да ги резимираме резултатите од последната реколта, бидејќи имаме
информации што потврдуваат дека е постигната исклучително висока откупна цена
на тутунот од 217,5 денари за килограм. Владата на Република Македонија во
претходниот период внимателно ја следеше постапката во делот на откупот. Тука
сме да ги објавиме и новите политики на Владата во овој дел, но и да ги разгледаме
отворените прашања и на транспарентен начин да го продолжиме дијалогот со
тутунопроизводителите“, порача меѓу другото министерот Николовски.

Како што рече Николоски, неговото присуство на трибината се должи на потребата
од засилување на комуникацијата со земјоделците, пред сѐ со
тутунопроизводителите од прилепскиот регион.

Според градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски зголемувањето на висината
на субвенциите за тутунот од минатогодишната реколта доаѓа во вистинско време.

Затоа што ова се случува во период, кога на тутунопроизводителите им требаат
пари за подготовки за претстојната сезона.
„Како регион со најголемо производство на тутун во Република Македонија,
зголемувањето на висината на субвенциите има големи придобивки за прилепскиот
регион. На овој начин ќе заживеат чаршијата, пазарот и економијата, што
претставува огромен придонес за граѓаните на општина Прилеп. Од тие причини,
уште еднаш сакам да упатам благодарност до Владата на Република Македонија,
бидејќи тоа е од голема важност за подобрување на стандардот на прилепчани“,
изјави градоначалникот Јованоски.

Вечерва, на трибината освен министерот Николовски и градоначалникот Јованоски,
учествуваа прилепските пратеници Кети Смилеска и Хари Локвенец, директорот на
Државниот инспекторат за земјоделство, Јане Станкоски и други гости.

Трибината предизвика голем интерес кај земјоделците, коишто не го криеја
задоволството од актуелната аграрна политика на Владата и ресорното
министерство.