Градоначалникот Јованоски оствари средба со синдикалната организација на „Еурокомпозит-11.Октомври“

Откако вработените во „Еурокомпозит-11.Октомври“ денеска протестираа пред
зградата на Општина Прилеп, на негово барање, градоначалникот Илија
Јованоски оствари средба со претставници на синдикалната организација од
прилепската фабрика за наменско производство.

Јованоски рече дека на средбата добил детални информации за проблемите со
кои вработените во компанијата со 100% државен капитал се соочуваат повеќе од
20 години. Прилепскиот градоначалник потсети на средбата во ноември, кога
синдикалната организација на „Еурокомпозит-11.Октомври“ ги соопшти своите
тогашни барања, што беа во насока на добивање средства од Владата, наменети
за набавка на репроматеријали за непречено функционирање на фабриката.

„Владата ги обезбеди тие средства, околу 16 милиони денари. Но, според
мислењето на претставниците на синдикалната организација, средствата не биле
правилно распределени, односно се сомневаат дека дел од нив биле
злоупотребени. На денешниот состанок им ветив на претставниците на
синдикалната организација, дека за случувањата во „Еурокомпозит“ ќе ги
информирам сите надлежни институции, пред сѐ Министерството за економија,
вицепремиерот Анѓушев и премиерот Заев. Решение за проблемот на
вработените во „Еурокомпозит-11.Октомври“,мора да се најде,еднаш засекогаш.

Премиерот Заев тоа им го вети и јас сум сигурен дека ќе го исполни ветувањето“,
порача градоначалникот Илија Јованоски.

Од синдикалната организација на фабриката за наменско производство
„Еурокомпозит-11.Октомври“, велат дека се свесни,оти нивниот проблем не е во
надлежност на локалната самоуправа и градоначалникот Јованоски, но се
задоволни што тој покажува интерес за нивните проблеми и ветува заложба.

„Иако градоначалникот не е надлежен за нашиот проблем, тој сепак ни излезе
пресрет и нѐ прими. Како што и самиот кажа, договоривме неколку работи. Го
прифаќаме предлогот на Владата за решавање на проблемот во рок од 6 месеци,
но бараме итно да ни бидат исплатени 2 плати за да почнеме да работиме.

Нашето барање е доставено до вицепремиерот Анѓушев и до премиерот Заев, но
очекуваме дека градоначалникот Јованоски ќе лобира кај надлежните институции
и дека брзо ќе дојдеме до решение“, истакна Роберт Богданоски, претседател на
синдикатот на „Еурокомпозит-11.Октомври“.