Јовчески: Лицата со ретки болести ја имаат поддршката од нашата заедница

Стоп за изолација на лицата со ретки болести и попречености, едукација, инклузија во заедницата порачаа денеска од ЗЛРБП “Мојот редок свет”-Прилеп, организирајќи го настанот “Игралиште од соништата – живот од соништата за секое дете“. Настанот го поддржа и градоначалникот на Прилеп, Борче Јовечски, кој ги посети децата и порача
„Подигнување на свеста и спроведување на промени за 300 милиони луѓе ширум светот кои што живеат со некоја ретка болест е многу важно! За жал поголемиот дел од нив се деца и нив најмногу им треба поддршка од сите нас. Затоа денес се приклучивме како Локална самоуправа во организацијата и реализацијата на овој настан каде што заедно ќе цртаме, пееме, свириме и ќе другаруваме, што е најбитно! Со конкретни чекори се надевам дека оваа година ќе ја продлабочиме нашата соработка со Здруженијата, од која што верувам дека ќе произлезат остварливи идеи и проекти со кои што ќе го олесниме животот и социјализацијата на овие лица во секојдневното функционирање во нашето општество. Исто така, да посветиме повеќе внимание на едукација во образовните установи, каде што ќе истакнеме дека различностите и прифаќањето на истите од сите нас ќе обезбеди едно здраво општество за кое што подеднакво ќе има место за сите.“-рече градоначалникот пред присутните.

На настанот „Игралиште од соништата-живот од соништата за секое дете” учестуваа ученици од основните училиште со свои музички изведи, како и КУД “Моминок”, Здружението „Преродба“ со изворни народни песни, а беше одржано и едукативно предавање од Др.Симона Стојаноска за ретките болести и пречките со кои се соочуваат лицата и семејствата погодени од ретка болест, додека пак децата од “Детска Амбасада за сите деца во светот” упатат порака на повеќе јазици “СЕКОЕ ДЕТЕ ЗАСЛУЖУВА ДА БИДЕ СРЕЌНО”! Настанот се одржа во кино салата „Мис Стон“.