Јованоски: Развојот на ситуацијата со Ковид-19 зависи од личната одговорност на секој поединец, затоа да ги почитуваме мерките

„Последните десетина дена забележителен е порастот на бројот на новозаразени во нашата општина, што е загрижувачки. За разлика од јули кога вкупно беа регистрирани 70 случаи на инфицирани со коронавирус, овој месец, заклучно со денеска, бројот на позитивни случаи изнесува 92. Денеска имаме 13 нови случаи, и за жал, една почината сограѓанка. Затоа, исклучително е важно сите граѓани да ги почитуваат пропишаните мерки за заштита, да носат заштитни маски, да одржуваат физичко растојание и да ги дезинфицираат работните простории и домовите. Развојот на ситуацијата со Ковид-19, зависи од личната одговорност и дисциплината на секој поединец“, истакна градоначалникот Илија Јованоски на денешната прес конференција, која следуваше после значителниот пораст на бројот на заболени од коронавирус во општина Прилеп.

Тој потсети дека Општина Прилеп беше меѓу првите во нашата држава, која после прогласувањето на пандемијата се соочи со невидливиот непријател, кога секојдневно растеше бројот на заболени од коронавирус, а повеќемина граѓани ја изгубија битката со болеста.

Во насока на спречување на ширење на болеста, Општина Прилеп реализираше голем број акции, што придонесе состојбата со Ковид-19 во општина Прилеп да биде целосно ставена под контрола.

„Во пресрет на новата учебна година, денеска одржав средби со директорите на основните и средните училишта од општината, на кои разговаравме за преземање на мерки за целосна заштита и безбедност на учениците и наставниот кадар, без разлика на датумот на почеток на школската година и начинот на кој ќе се изведува наставата. Истовремено, се договоривме за активно вклучување на Училишните одбори и Советите на родители, за доследно почитување и примена на заштитните мерки. Во оваа прилика, сакам да упатам посебен апел до младите и до сопствениците на угостителските објекти, целосно да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19, затоа што е забележливо дека последниот период не се почитуваат протоколите. Банките и поголемите маркети од градот да ги засилат редарските служби пред нивните објекти, за да се спречат поголемите групирања. Градскиот пазар ќе продолжи со работа, со засилени протоколи за заштита од Ковид-19, со тоа што ќе има засилена дезинфекција и никој нема да смее да влезе во пазарат без заштитна маска. Полицијата ќе биде се’ поприсутна и во пазарот и пред поголемите маркети и банки и ќе ја засили казнената политика. На крај, во пресрет на големиот христијански празник Голема Богородица, упатувам честитка до верниците, до свештените лица и до граѓаните, а истовремено апелирам да не дозволиме овој величенствен ден да предизвика нови случаи на заразени со вирусот Ковид-19“, нагласи градоначалникот Јованоски.

Татјана Мургоска-Станимировиќ, епидемиолог во Центарот за јавно здравје-Прилеп, напомена дека во моментов се познати 8 кластери и дека бројот на активни случаи изнесува 90, од кои 74 се наоѓаат на домашно, а 16 на болничко лекување.

„За нас епидемиолозите ова е очекувана ситуација, со оглед на тоа што ние континуирано ја следиме состојбата, не само кај нас, туку и во останатите региони во државата. Факт е дека е време на годишни одмори, луѓето се опуштија, се намали претпазливоста. Патуваат, се движат во региони и места каде сеуште е голем бројот на заболени. Да кажам дека 64% од новозаразените во овој месец се регистрирани во последните десетина дена. Што е однесува до возрасната структура, 31% од заразените во последниот месец се на возраст меѓу 20 и 39 години. Тоа е разбирливо, бидејќи фреквенцијата на контакти кај младите е поголема, а покрај регистрираните случаи, има и асимптоматски случаи кои можеле да го пренесат вирусот во своите семејства. Кај повозрасните, овој месец имаме 22 лица на возраст над 60 години, заразувањето најчесто настанало случајно, кога дошле во контакт со помладите лица од нивната фамилија. Регистрирани се 8 активни кластери со 52 заболени лица, детектирани се сите контакти од нив и сите се во изолација, претежно на домашно лекување“, потенцираше Мургоска-Станимировиќ.

На денешната прес конференција на градоначалникот Јованоски и епидемиологот Мургоска-Станимировиќ, му претходеше состанок на Општинскиот кризен штаб, на кој се разговараше за актуелната ситуација со Ковид-19, како и за мерките кои треба да бидат преземени во насока на стабилизирање на состојбата.