„Плетвар аутдор фестивал“ – три дена забава за сите возрасти

Од 28 до 30 август на падините на планината Бабуна, под моќниот Козјак, за прв пат годинава ќе се одржи планинарско забавниот настан „Плетвар аутдор фестивал“. Тридневниот едукативно-забавен настан ветува многу позитивна енергија, дружење, едукација и забава во природа.

Организатори на оваа спортско – забавна и едукативна манифестација се спелеолошкиот клуб  „Златоврв“ – Прилеп и извиднички одред „Феникс“ од Прилеп.

„Во организацијата на овој настан помогнаа и многу други здруженија од Прилеп. Главната цел на настанот е да ја промовираме спасителната служба „Златоврв“ и да собереме средства за нејзино дооформување“, изјави Ана Плетварец која е дел од организацијата на оваа прва планинарско – забавна дружба.

Организаторите велат дека покрај примарната цел на фестивалот за промоција на спасителната служба,  на која и е потребна поддршка за да може целосно да се оформи и да се стави во функција на регионално ниво,  е и забава и дружење за сите возрасти, но и воведување на младите во нови спортови и активности, како и поттикнување на љубовта и грижата за природата. Воедно, тридневниот забавно-спортски настан покрај забавата ја отвора можноста и за стекнување на нови знаења и искуства од областа на спортот.

„За време на фестивалот ќе имаме многу различни активности како што се стрелаштво, стреличарство, качување по карпи, качување во пештера, качување на врвот  Козјак, посета на Дуова пештера, слеклајн, а исто така имаме и игри и трки  за најмладите, една планинска трка, две велосипедски, игри на скриено богатство каде што родителите со своите деца ќе можат да посетат и да ги најдат контролните точки коишто ќе бидат распространети низ целото село. Почнуваме во петок во 16.30 часот со свечено отварање, потоа продолжуваме со кино на отворено, логорски оган и културно – музички образовна програма. Сабота и недела стартуваме  со тренинг и јога на изгрејсонце, потоа имаме кардио тренинзи и планинска трка. Сакам да нагласам дека сите активности се слободни за посетителите кои сакаат да ги искусат и истите се со почеток од 09.00 часот и траат до 18.00 часот“, истакна Дарко Неданоски.

„Покрај останатите активности на „Плетвар аутдор фестивал“ ќе има и paintball. Имаме подготвено арена. Ги покануваме сите заинтересирани да не’ посетат и да искусат нешто ново во нашиот град затоа што  paintball во Прилеп е релативно нов спорт, па затоа ја користиме приликата да го афирмираме и прошириме и да ги запознаеме сите учесници со paintball“, нагласи Петар Славески.

Завабно – спортскиот настан „Плетвар аутдор фестивал“ е организиран во согласност со сите препораки и протоколи на Владата за заштита од вирусот Ковид-19.

Спасителната служба „Златоврв“ како тим постои веќе десет години во рамките на клубот, досега има поминато повеќе обуки и семинари за едукација,  а е  учесник и во акции за спасување надвор и во нашата држава. Годинава направен е голем исчекор и за прв пат во Прилеп официјално е оформена спасителната служба, која има цел и задача да им помага на сите граѓани кои што се во невоља, како во урбана така и во рурална средина. Службата е на располагање 24 часа седум дена во неделата, а поседува клубска опрема и возила кои засега не можат да ги задоволат потребите на регионот.